Поповски: Брегзитот не треба многу да не загрижува

Владата го вклучи алармот за економијата во пресрет на Брегзитот, откако синоќа повторно беше отфрлен договорот на премиерката Тереза Меј. Ги разгледувале можните сценарија, разговарале со експерти, бизнисмени од стопанските комори, но и со странски компании кои работат овде, а чие производствво или дел од него оди за Британија. Од надлежните ресори бараат да предложат мерки, со цел стопанството да не почувствува негативни ефекти.

Заклучокот е дека се задолжува Министерството за економија, во соработка со Министерството за финансии и Царинската управа, до Владата да достават предлог одлуки за воведување автономни мерки за условна примена, зависно кое сценарио ќе се случи на крај, кои ќе важат од 30 март оваа година. Задолжени се и МНР и Економија да достават информација за третманот на македонските стоки прио извозот во Обединетото кралство, , во случај на ткн. тврд Брегзит и да се најде решение за увоз без царини на производите од македонско потекло. Се што правиме е со интенција македонското стопанство да не почувствува било какви негативни ефекти од Брегзитот, без разлика кое сценарио ќе излезе, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Влада.

Велика Британија лани била трети по ред трговски партнер на земјава, но од таму многу повеќе увезуваме отколку што извезуваме. Од вкупна размена од 832 милиони евра, на извоз отпаѓаат 103 милиони, а на увоз дури 730 милиони евра. Вкупниот извоз на земјава кон 28-те членки на ЕУ, пак, лани тежел 4,8 милијарди евра.

Очигледно е дека Британија нема да ја напушти Унијата на лесен начин, вели професорот Поповски. За земјава ќе беше подобро да има договор, но не треба премногу да стравуваме.

Но, во секој случај, и едниот, и другиот, влијанието во Македонија не може да биде значајно. Прво, британските инвеститори во земјава не се во Британија, тие се британска сопственост, но се во Македонија, како што е Џонсон Мети. И тие подлежат под трговските односи кои Македонија ги има со ЕУ, значи од тука се извезуваат или увезуваат во ЕУ. Не треба да има сериозни последици, да се надеваме ќе постигнат поцивиулизиран договор, вели Никола Поповски, универзитетски професор.

Можеби треба повеќе да не загрижуваат идните политички аспекти, Британија сега како членка на Советот за безбедност нема да се координира со земјите на ЕУ, при носење одлуки кои ќе се однесуваат и на нашето учсетво во светската политика, вели Поповски.

Дури, може да е и позитивно за нас, бидејќи ние сега како нечленка на ЕУ ќе се изедначиме со земјите од унијата, па при самиот чин на трговските односи или нивни инвестиции во трети земји, ЕУ и земјава ќе бидат трети земји. Сепак, ниту негативните, ниту позитивните ефекти нема да бидат значајни“, вели Поповски.

Британија минатата година била најголемиот поединечен странски инвеститор во земјава, со вложени близу 114 милиони евра. Најголем британски инвеститор во земјава е Џонсон Мети во Бунарџик, кој и најмногу ја крева трговската размена со таа земја. Сепак, постојат и други значајни британски инвестиции, тие се Империјал тобако за производство на цигари, во текстилната Комфи Ангел во Прилеп, Ендава во ИТ секторот, Фокс Марбл во каменоломи, а и рудникот Саса неодамна бил купен од компанија со британски капитал. Британски е и Еуромакс кој сака да гради рудник во Иловица, како и неколку помали инвеститори.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ