Поплави во БиХ и Хрватска предизвикани од поројните дождови

Поројните дождови во Босна и Херцеговина и Хрватска предизвикаа излевање на водостојот во повеќе реки, поплавувајќи десетици куќи во повеќе населени места и голем број патишта, зголемувајќи ги стравувањата од можно повторување на страотните поплави од 2014-тата година, кога водената стихија усмрти голем број луѓе.

Пред точно 5 години смртоносните поплави ги предизвика циклонот Тамара, додека сега станува збор за циклонот Андреа.

Повеќе општини во Северниот и Централниот регион на БиХ прогласија вонредна состојба, апелирајќи истовремено до луѓето кои живеат блиску до надојдените реки да ги евакуираат своите куќи. Во општината Бусовача, реката Лашва се излеа од коритото и поплави повеќе куќи, додека силни врнежи предизвикаа и лизгања на земјиштата, поради што локалните патишта се затворени за сообраќај.

Најтешка е состојбата во градовите Маглај, Цазин и Босанска крупа, каде се излеа водостојот на локалните реки.

Телевизиските камери ги регистрираа неуспешните обиди на жителите на Цазин, да ја спречат водата да ги поплави нивните куќи.

“За ова што ни се случи, самите сме криви. Ова можевме самите да го решиме, да се договоревме и да го направевме тој канал позади” – вели еден жител на Цазин.

Невобичаено студеното и дождливо време се очекува да продолжи во Босна и во наредните денови, засилувајќи ги стравувањата од нови поплави.

Во Хрватска, најкритична е ситуацијата во општината Хрватска Костајница, каде спасувачите со крајни напори се обидуваат да го спречат излевањето на реката Уна, која загрозува 60-тина куќи.

Највисокото ниво на водостој се предвидува во попладневните и вечерните часови, но надлежните ги охрабруваат локалните жители тврдејќи дека се подготвени да се справат и со воден бран од 5 метри.

Исклучително висок е водостојот и на реката Корана кај Карловац,  7,5 метри.

Хрватските новинари побара одговор од министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, дали не е срамно секоја година државата на истите населени места да се соочува со ризик од големи поплави а неговиот одговор беше дека невремето кое вчера ја зафати Хрватска, досега не било забележано во историјата.

Најдобра вест за жителите чии домови се загрозени од поплавите е метеоролошката прогноза, според која во наредните 3 дена не се предвидуваат поголеми врнежи и се очекува постепена стабилизација на временските прилики и значително опаѓање на водостојот.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ