Поплави и снежни врнежи на Балканот

Семејството и жителите на местото Бегов Хан, бројни спасувачки екипи на цивилната заштита ја продолжуваат денеска опсежната потрага за 6-годишното момче Ибрахим Мешељевиќ, кој возејќи точак, ја изгубил рамнотежата и вчера попладне паднал во надојдениот поток Мрачај. Оттогаш му се губи секоја трага а спасувачите стравуваат дека водената стихија го однела во реката Босна.

“Два часа поминавме во водата, но го прочешчлавме целиот поток и сигурни сме, 95% дека тука не можел да остане. Ќе ја продолжиме потрагата по десниот брег на реката Босна, иако условите се екстремни, водостојот и натаму е многу висок, но ќе се обидеме, нема да се предадеме” – вели спасувачот Емир Балиќ.

Во Бегов Хан пристигна и Фахрудин Солак, првиот човек на федералната управа на цивилната заштита, кој се надева дека потрагата ќе резултира со пронаоѓање на детето.

Повеќедневните поројни врнежи предизвикаа поплави во северните и централните провинции во Босна, каде одделни места се отсечени. Влошување на состојбата е регистрирано на подрачјето на Бања Лука и Добој, каде драстично е зголемен водостојот на реките Врбања и Врбас.

Истовремено, додека повеќе кантони се обидуваат да се справат со водената стихија, во местото Корчаница падна снег.

Во видео снимката која ја објави фејсбук страницата Боснија сторм чејсерс, двајца камионџии  со чудење реагираат на мајскиот снег, велејќи дека ќе имаат што да им покажат на своите внуци еден ден.

Снег има и во Црна Гора, во местата Беране, Андријевица, Плав и Жабњак, каде утринската температура се спуштила околу нулата.

Од утринава снег во Мај има и во некои места во Хрватска,пред се во Горски Котар, Завижан и  Сљеме, каде е формирана снежна покривка од 20-тина сантиметри.

Во Загреб конечно се намали јачината на ветерот кој предизвика значителна материјална штета во главниот град на Хрватска минатите денови.

Според прогнозите на метеоролозите, стабилизирање на временските прилики се очекува од Петок.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ