Полуфинална пресметка на Реал Мадрид против Баерн Минхен – 7.дел

Ждрепката во Лигата на шампиони беше немилосрдна кон фаворитите, кои ќе играат меѓу себе уште во полуфиналето.

Актуелниот првак Реал Мадрид по седми пат ќе игра против Баерн Минхен во полуфиналето од елитното натпреварување. Во претходните шест соочувања  во оваа фаза, „баварците“ четири пати ги елиминирале „кралевите“, но во меѓусебниот скор, двата тима имаат по 11 победи и две ремија со гол разлика 37-36 во корист на шпанскиот тим.

Реал и Баерн играа во елиминациите и минатата сезона, поточно во четвртфиналето, кога шпанскиот гигант мина понатаму со вкупно 6-3, а на крајот и го крена својот 12-ти пехар во елитата.

Второто полуфинале помеѓу Ливерпул и Рома ќе биде реприза на финалето од 1984 година. Тогаш „црвените“ ја совладаа „волчицата“ на пенали откако по регуларнте 90 минути и по продолженијата беше 1-1, а интересно натпреварот се одигра на „Олимпико“ во Рим. Овие два тима се сретнаа уште во два наврати во европските купови, а Ливерпул има подобар скор од две победи, еден пораз и едно реми. Сигурно дека овој дуел ќе привлече и многу внимание поради враќањето во вечниот град на најдобриот фудбалер на Ливерпул, Мохамед Салах, кој претходните две сезони го носеше дресот на „волчицата“.

Првите полуфинални натпревари се играат на 24 и 25 април, додека реваншите се на 1 и 2 мај. Големото финале е во Киев на „Олимпискиот стадион“ на 26 мај.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ