Политичарите ги нагласуваат мерките против загадувањето, а активистите ги критикуваат дека не вложиле доволно

Државата ги троши парите одвоени за борба со загадениот воздух. Два милиони евра – за активистите премалку, а властите тврдат доволно – за да се замени начинот на греење во градинките, училиштата и болниците.

„На вчерашната 153 седница на Владата, се донесе одлука за пренамена на средствата од Планот за чист воздух со цел да се замени системот за затоплување во болницата во Струмица од нафта да се користи гас“ изјави Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина и просторно планирање.

Надлежните со субвенции за инвертери ќе се обидат да ги натераат и луѓето да го сменат начинот на греење во домовите.

„Постапката прв дојден – прв услужен мислиме дека не е фер. Приоритет ќе имаат зоните со највисоки емисии на загаден воздух и таканаречените ранливи потрошувачи“ изјави Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина и просторно планирање.

Субвенции за инвертери делеше и Град Скопје. Планираа да ги поделат до ноември, но жителите на главниот град веќе ги потрошија. Градоначалникот Шилегов тврди дека Градот прави доволно во очи на новата грејна сезона која е на прагот. Побара трпение од граѓаните.

„Градот Скопје ја доби топловодната мрежа. За мене тоа е една од фундаменталните мерки. Во текот на минатата година кога имаше контроверзии дали Градот работи нешто или не работи, го заокруживме гасоводниот прстен околу Град Скопје“ изјави Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.

Еко-активистите имаат порака до политичарите. Септември е, аерозагадувањето само што не станало најактуелна тема повторно. Два милиони евра се премалку, а вие не направивте доволно – изјави Невена Георгиевска од О2 Иницијатива.

„Имаме загадување иако не е грејна сезона и иако не е тоа големото загадување. Во вечерните часови, во неколку населби алармираме дека има загадување. Во однос на тоа какви акции се преземаат и што се прави – гледаме дека нема да имаме ништо подобра ситуација и следнава зима“ изјави Невена Георгиевска од О2 Иницијатива.

Георгиевска ги повика надлежните да ги поправат мерните станици коишто не работат и ги предизвика властите на похрабри реакции во контролирање на индустријата и загадувањето коешто потекнува од индустриските оџаци.

Петар Догов

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ