Покрај прогресивниот данок, Владата ќе ја засилува наплатата и кај другите даноци

Покрај воведувањето на прогресивниот данок, што треба да донесе поголема социјална правда, Владата ќе ја засилува фискалната дисциплина и ќе ја подобрува наплатата и кај другите даноци. Особено ќе се стегне ременот околу компаниите кои имаат свои фирми ќерки во други држави, кои преку меѓусебните трансакции наоѓаат начини да го избегнат плаќањето на даноците, најави вицепремиерот Кочо Анѓушев.

„Пред се, трансферните цени на компаниите кои имаат своии ќерки во странство, и начинот на префактурирање, односно наплаќање на цените кога си продаваат мајка на ќерка, тоа е причина за пропаќање на многу фирми во земјава, и една од причините заради која ФЕНИ се најде во оваа ситуација“, рече Анѓушев.

Тој најави и засилена наплата кај земјоделските производи, кои, вели, директно од нива, одат директно на кванташките пазари, и парите завршуваат надвор од финансиските бтекови на земјата.

Експертите, пак, сметаат дека Македонија е подготвена за прогресивно оданочување, една од причините е што сегашниот рамен данок не донесе повисоки стапки на раст, а ја зголеми сиромаштијата и нееднаквоста. Но, за на луѓето да им ги зголемите даноците, морате прво да создадете здрава основа, тие да веруваат во институциите и да ги убедите дека парите што ќе се соберат ќе се трошат наменски, а не за патни трошоци на државните функционери.

Даночните експерти сметаат дека не се оправдани стравувањата дека ќе се рашири даночната евазија со воведувањето на прогресивниот данок, без разлика која ќе биде стапката и прагот на оданочување. Државата има механизми да се заштити од таа појава. Се советува први на удар на прогресивното оданочување да се најдат капиталните добивки.

„Во суштина на прогресивното оданочување е дека тие што ќе бидат оданочени со повисока стапка, дека тие не се губитници, туку со тоа ја потврдуваат својата улога во заедницата, и се добитници“, вели Лазовски.

Мора да се внимава како ќе се избере прагот, велат невладините, да не се создаваат нови вработени, а сиромашни.

„Ако во едно семејство имате еден врабнотен со приход од 1000 евра, тоагаш ако им ги земете тие пари на луѓето, ништо не сме направиле. Оваа реформа мора да оди рака под рака со ефикасна социјална заштита“, вели Дуковска.

За дел од граѓанските организации, пак, не е доволно само прогресивно оданочување кај персоналниот данок, тие силно се залагаат да се зголеми и данокот на профитите на фирмите.

„Една од банките остварила профит од 36 милиони евра, а плаќа 10 отсто данок на добивка, каде е праведноста ако и некој со 200 евра приход плаќа 10 отсто данок, не верувам дека некаде во универзумот тоа е праведно“, вели Христова.

Како еден од аргументите за прогресивен данок експертите го наведоа и фактот што од 2003 до 2006 кога тој се применуваше, просечната стапка на раст беше 4,2 отсто, но кога се воведе рамниот, од 2007 до 2006, таа се намали на 2,8 проценти.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ