Почна скринингот за преговорите со ЕУ

„Означуваме уште една пресвртница на патот кон Европската унија,“ со овој твит генералниот директор за проширување на Европската унија, Кристијан Даниелсон го означи почетокот на скринингот на Македонија  за преговорите со Европската унија. Процес, кој значи подговка за преговори со Унијата.

Скринингот ќе трае долго и со него 160 илјади страници европски закони и правила ќе треба да се пренесат во македонското законодавство.

  • Силно веруваме дека влегуваме во завршната фаза пред полноправно членство. Свесни сме дека тоа нема да се случи утре. Ќе трае подолго и ќе зависи, главно, од нас. Од нашата политичка волја и од административниот капацитет. Сите се согласуваат дека процесот е комплексен, долготраен и захтевен. Процес кој ниту почна со нас, ниту ќе заврши со нас, рече Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Вицепремиерот Османи е главниот политички преговарач со Унијата и тој ја предводи македонската делегација на првиот состанок. Со него се уште 40 луѓе од македонските институции кои од утрово, па до петок ќе ги слушаат европските функционери како го објаснуваат европското законодавство во делот на судството и фундаменталните права. Тоа е поглавјето 23. Поглавје со кое се отрвара прво, а се затвара последно.

  • Со оглед на тоа што овој процес почнува со поглавјето 23 дозволете ми да ве уверам дека имаме целосна почит за вашите принципи и ветуваме дека ќе работиме со вас да ги исполниме сите барања, да ги исполниме сите обврски и да ги воведеме сите европски стандарди во нашето општество. Ќе работиме напорно на сите поглавја со иста почит и сериозност едноставно, затоа што сите се важни, истакна Османи.

Во поглавјето 23 опфатени се реформите во судството и обвинителството, како и судскиот совет, советот на обвинители, порбата против корупсцијата. Министерката за правда Рената Дескоска, која е дел од делегацијата во Брисел вели дека добар дел од буџетот за судовите е неискористен.

  • Во делот на обезбедување финансиски капацитети за работа на судството, ние размислуваме за одредени корекции што би можеле да обезбедат еден тип на независност и непристрасност, но исто така сме свесни дека има добар дел од судскиот буџет кој е доделен на судовите во овој момент, а не се искористува. Размислуваме дури да им се помогне со експертска помош, рече мнистерката Рената Дескоска.

До јуни идната година ќе има уште 32 вакви состаноци за секое поглавје од преговорите. И овој и сите наредни состаноци ќе се одржуваат заедно со албанската делегација бидејќи Македонија и Албанија на самитот на Унијата во јуни добија усовен датум за почеток на преговорите. Пораката на Даниелсон е дека двете земји мора да имаат разбирање за правилата на Унијата и да се подготват за идното членство.

Марија Дивитарова

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ