Почна средбата меѓу премиерите Заев и Ципрас

Почна средбата меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија.

Иако се очекува позитивно придвижување во спорот за името, и двајцата премиери беа воздржани во изјавите пред средбата.  Заев и Ципрас се видоа и вчера на состанокот на Партијата на европските социјалисти.

По тој состанок, Ципрас на Твитер напиша дека им кажал на европските социјалисти дека се направени значајни чекори во однос на проблемот со името, но дека „има важни чекори што треба да ги преземеме пред да можеме да постигнеме решение“.

Европските политичари силно поддржуваат решавање на проблемот, за да се одблокираат веро-атлантските интеграции на Македонија.

Поддршка за решавање на спорот стигна и од францускиот претседател Емануел Макрон, кој на синоќешната средба, на премиерот Заев му рекол дека Македонија и Грција преземаат историска улога со нивната посветеност околу решавањето на спорот и дека решавањето на проблемот е сериозно позитивно наследство за Македонија.

Се очекува за спорот за името да се разговара и на билатералната средба на германската канцеларка Ангела Мрекел и премиерот Зоран Заев, закажана за денеска.

Македонската влада се надева д добие датум за почеток на преговори со ЕУ веќе на Самитот во јуни. Министерот за надворешни работи Никола Димитров, вчера рече дека ќе биде трагедија ако на Македонија не ѝ се дозволи да ги започне преговорите за пристапување кон ЕУ.

Пред почетокот на официјалниот работен ден на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија, премиерот Заев се сретна со премиерот на Естонија, Јури Ратас и со белгискиот премиер, Шарл Мишел.

На двете средби, со естонскиот и со белгискиот премиер, Заев ги запозна своите колеги со актуелниот политички миг во земјата и за текот на разговорите за прашањето со проблемот што Република Грција го има со уставното име на нашата земја. Премиерот Заев побара поддршка од Естонија и Белгија во пресрет на јунскиот самит на Европскиот совет на ЕУ, и истакна дека очекуваниот датум за преговори за Македонија ќе превенира стагнирање на реформите и на економските процеси, како и интензивирање на национализмот и ќе го поттикне инволвирањето на трети страни во регионот.

Премиерите на Естонија и на Белгија изразија надеж дека во претстојниот период Република Македонија ќе добие конктретна поддршка за постигнатите остварувања на патот до членството во ЕУ и НАТО.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ