Почна партискиот пазар за новото обвинителство што ќе го замени СЈО

Почна пазарот со гласови за владиниот предлог за ново обвинителство што треба да го замени досегашното СЈО. Сите партии имаат свои барања, но заеднички именител им е противењето, обвинителката Вилма Рускоска да раководи со новото обвинителство.

Од БЕСА, пак, испорачаа пакет услови, од кои клучен е датум за предвремени парламентарни избори.

ДУИ велат дека, предлогот е добра основа за да се најде компромисно решение, но за Рускоска се воздржани.

Осумтемина пратеници од независната пратеничка група, не сакаа да се изјаснат денеска, а од Алијанса за Албанците најавија дека ќе поднесат амандмани во најмалку три члена од законот. Бараат и главниот обвинител да биде човек делегиран од ЕУ, а сите обвинители вмешани во криминал да заминат од обвинителството.Поддршката за законот ќе зависи од тоа дали ќе им бидат прифатени амандманите. И покрај сите овие условувања, од СДСМ се убедени дека ќе го постигнат неопходното двотретинско мнозинство од  80 пратеници, иако не откриваат како.

Од владата предлагаат СЈО да згасне, а да се формира ново обвинителство во рамки на постоечкото за организиран криминал, што ќе го води Рускоска. Предлагаат и тоа обвинителство да има финансиска независност. Откако предлог- законот ќе пристигне кај претседателот на Собранието, тој има рок од три дена да им го препрати на пратениците, а најдоцна десет дена за да свика седница. За тоа време, законот треба да помине низ матичната парламентарна комисија. Целата процедура, вклучително и партиските преговори, ќе треба да се забрзаат, затоа што Собранието од 1 август заминува на одмор.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ