Трагична смрт на актерот Ванчо Петрушевски

Актерот и еден од доајените на македонското глумиште Ванчо Петрушевски почина денеска. Според МВР Петрушевски починал од струен удар во 13 часот и 20 минути. Неофицијално актерот бил качен на метална скала и управувал со апарат за заварување, вршејќи поправки во неговата куќа во Орешани. Настанот се случил половина час пред да дојде синот кој требало да му помогне во работата.

Веста дека познатиот глумец трагично го изгубил животот ја потврди неговиот колега и директор на Драмскиот театар, актерот Сашо Тасевски.

„Тукушто разбрав дека доајенот на Драмски театар и македонското глумиште, Ванчо Петрушевски, трагично го загуби животот. Почивај во мир Рамче. За комеморацијата и погребот дополнително ќе известиме“, напиша Тасевски на фејсбук.

Ванчо Петрушевски е роден на 19 април, 1951 година во Скопје. Веднаш по завршувањето на Високата музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје, каде неговиот раскошен талент го истакнал веќе во првата претстава „Ослободување на Скопје” од Д. Јовановиќ. Учествувал во голем број радио-драмсики проекти, телевизиски драми, серии и слично. Добитник е на бројни престижни награди и признанија за својата дејност.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ