По падот на косовската влада опозицијата бара предвремени избори

САД му честитаа на Харадинај за оставката, Вуќуч ја нарече политички трик, но опозицијата на Косово веќе ги збива редовите и бара од претседателот Тачи датум за превремени избори. Влада на косово падна, откако премиерот Харадинај си поднесе неотповиклива оставка за да замине во Хаг како осомничен за воени злосторства.

-Само што ја информирав владата. По ова ќе ги информирам и политичките партнери. Дадов моја оставка без отповикување од функцијата премиер. Од овој момент, ние како влада сме во оставка. Причината е што јас сум поканет да биде сослушан како осомничен од специјалниот суд (во Хаг), каде што ќе се појавам следната недела. Затоа сметав дека не можам да одам на сослушување како шеф на владата, туку како обичен цивил, како Рамуш Харадинај, рече премиерот на Косово.

По ова Албин Курти лидер на Движењето самоопределување го повика Демократскиот сојуз на Косово на обединување. Тој ја офрли можноста за техничка влада и порача дека  нема да влезат во собрание за доделување на нов премиерски мандат, се додека не добијат датум за вонредни избори.

Српскиот претседател предвидува дека Харадинај ќе биде пуштен за 48 часа и ќе се врати како голем албански херој, неговата популарност ќе се зголеми, а на сите останати ќе се намалува.

Вучиќ оцени дека таксите на српските производи нема да бидат укинати, а западните сили често ќе вршат притисок и ќе го уценуваат Белград со изговор дека косовските лидери ги испраќаат во Хаг.

-Оставката на Рамуш Харадинај, подоцна ќе зборувам за правниот аспект, сега зборувам за политичкиот аспект, е политички трик со кој тој сака да добие уште поголема популарност да ги прегази своите политички противници што доведува до што поекстремни ставови на Албанците на Косово и Метохија во кои тој станува јунак кој се бори за целокупно и единствено Косово, а сите други се недостојни за толку голем водач кој ги води во светла иднина, рече Александар Вучиќ, претседател на Србија.
По Харадинај, денеска и Јакуп Красниќи доби покана од Специјалниот суд во Хаг. Тој беше поранешниот претседател на косовското Собрание и портпарол на Ослободителната војска на Косово (ОВК) во 1998-99 година.

За Красниќи, „вистината е дека во војната во Косово, Србија изврши геноцид, а нејзините монструозни конструкции за ОВК ќе паднат во вода и правдата ќе биде задоволена“. – Несреќа и своевидна иронија е тоа што наместо Србија да се соочи со правдата за злосторствата против човештвото и за геноцидот, ние треба да се браниме од нејзините измислени обвиненија, вели Красниќи.

Специјалниот суд во Хаг е формиран врз основа на извештајот на Дик Марти, усвоен од Советот на Европа. Аналитичарите велат дека Харадинај оставката ја дал под притисок на ЕУ и САД за Приштина да ги укине таксите, но во истовреме Косоварите препознаваат шанса да го пролонгираат дијалогот во Брисел, како и сите можни опции за договор, бидејќи го чекаат заминувањето на Доналд Трамп.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ