Пазарџиите лути, во среда ќе се знае дали ќе има штрајк, законот ќе оди пред Уставен суд

Незадоволството на пазарџиите може да кулминира со нов генерален штрајк на ниво на цела држава. По меѓусебните разговори закупците во среда ќе соопштат дали и кога ќе повикаат на масовни протести и клуч на тезгите, во знак на револт што Владата само го одложи за една година Законот за пазарите, а тие бараат целосно укинување. Иако на неодамнешната средба со премиерот Заев и министерот Бектеши им беше ветено дека работните групи што треба да ги решат проблемите ќе почнат со работа, до денес никој не ги повикал на разговор, иако не отстапуваат дека законот мора да се повлече. Пазарџиите планираат законот да го оспорат и пред Уставниот суд, за што се консултираат со адвокатски куќи, бидејќи сметаат дека правото на работа никому не смее да му се ограничи, како што е со пензионерите, вработените и хонорарците.

Самиот начин како е донесен овој закон е дискутабилен, тој е по скратена постапка, а се знае кои закони се носат по скиратена постапка, тоа се закони кои не се од големо значење, но не се сложувам дека овој закон не е од големо значење, бидејќи ги обединува сите граѓани од државата. Дискутабилно е да се учествува во нешто за кое самите признале дека не е добро, колку е уставно и колку уставот дозволува да преговараме за тоа во име на граѓаните, вели Маја Стојановска, претставничка на пазарџиите.

Министерот Бектеши вели дека пазарџиите ќе бидат вклучени во работните групи, според него, закон мора да има, но тој ќе претрпи промени.

Како министер за економија сум на став дека мора да има закон, но за одредбите ќе разговараме со сите засегнати страни и ќе донесеме одлука, имајќи предвид дека законот е доложен дури до стартот на идната година. Ова законско решение нема да е вакво какво што е, во директни разговори ќе најдеме решение, вели Крешник Бектеши, министер за економија.

Стопанската комора која ги застапува организаторите на пазарите, пак, е децидно против во законот да остане одредбата за Комората на трговци, која треба да наплаќа по 60 евра годишно за лиценци од тезгаџиите. Споеред нив, нема потреба од постоење на комора, работата на пазарџиите можат да ја регулираат надлежни државни институции.

Самите закупци треба да одредат дали и кој ќе ги застапува, тие немаат толакв обем на работа за да бидат оптоварени со големи трошоци, вели Даниела Михајловска, СКМ.

Комората децидно ќе бара на пензионерите, вработените, хонорарците и трговците поединци да не им биде забрането да држат тезга, бидејќи велат, тие се голема група луѓе, межу 30 до 50 отсто од вкупниот број закупци на тезги.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ