Пазарџиите бараат повлекување на законот за пазари

Станува ли регулирањето на пазарите своевиден тест за коалицијата меѓу владејачките партии? Пратеници од СДСМ и ЛДП бараат Собранието да изгласа одложување на целиот Закон за трговија на зелените пазари, кој веќе се применува од стартот на годинава, се до септември, но неофицијално, во ДУИ нема расположение да се поддржи такво решение. Она што е факт, е дека станува збор за годишен ќар од околу 1,5 милиони евра, кои би ги наплатила Комората на трговци, доколку профункционира издавањето на лиценците од 60 евра годишно, од џебот на околу 20 до 30 илјади закупците на тезгите.

Групацијата на пазари од Стопанската комора на Македонија, која ги претставува организаторите на пазарите, на средба со пратениците, во Комисијата за економски систем ги кажа маките, но Милески од ЛДП не е сигурен дали ќе може да им помогне.

Доколку законот остане на сила, предупредија од СКМ, се загрозува дејноста и се доведува во прашање опстанокот на зелените пазари. Ќе се намаи обемот на работа, прометот ќе падне за 30 до 50 проценти ќе се намали прометот, а со тоа и приходите, како и бројот на вработени на пазарите поради неможноста да работат пензионерите, вработените и оние што имаат хонорар, а ќе паднат и даноците и придонесите кон државата.

Критики од организаторите дека законот е дури и неуставен, и дека од пазарите ќе ги избрка вистинските земјоделци.

Затоа бараат итно укинување, или одложување до септември, а тоа ќе се бара и со допис од премиерот Заев. Организаторите на пазарите нема да склучуваат нови договори за закуп се додека не се изнајде решение за проблемот. Стопанската комопра засега нема информации дека почнало издавањето на лиценци.  Од комората на трговци, пак, тврдат дека од вторник е почнато да се издаваат лиценци. Само првиот ден биле издадени 15 лиценци.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ