Патувачка изложба во Кинотека по повод 100 години од формирањето на школата Баухаус

Во Кинотека на РСМ, вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „ Bauhaus imaginista“. Се работи за опсежен меѓународен проект, организиран по повод стогодишнината од формањето на прочуената германската школа за архитектура и дизајн „ Баухаус“, со фокус на нејзината меѓународна распространетост и рецепција.

Оваа патувачка изложба обединува идеи, истражувања и документација од „ Bauhaus imaginista“. За таа цел, уметникот Лука Фрај разви структура – делумно скулптура, делумно изложбена архитектура – како простор, во кој посетителите можат подлабоко да се запознаат со повеќе различни рамништа на проектот. Таа опфаќа кураторско истражување, текстови и слики од четирите поглавја, како и документација за меѓународната програма на „ Bauhaus imaginista“ од 2018 година.

Во центарот на инсталацијата има компјутерски терминал, каде посетителите можат да го разгледаат онлајн-списанието на „ Баухаус имагиниста“ и да отпечатат слики и текстуален материјал, со цел да ги соберат во папките, предвидени за тоа. Посебна филмска програма покажува лично изработени дела од современи уметници и научници : Зви Ефрат, Кадер Атија, Групата Отолит и Венделиан ван Олденбург на теми и приказни од Баухаус.

Проектот Баухаус имагиниста ја обединува соработката на кооперацијата Баухаус Берлин- Десау- Вајмар со Гете Институтот и Домот на културите на светот.  Тој е финансиран од Министерството за надворешни работи и Сојузната фондација на културата. Куратори на проектот се Марион од Остен и Грант Ватсон во соработка со меѓународен тим од научници.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ