Пармаковска: Недостигаат сочувство и толеранција меѓу луѓето

Романот „ Одбројување“, е крик против зарѓаните вредности во општеството, изјави по повод добивањето на наградата „ Роман на годината“ за 2017, лауреатката Фросина Пармаковска. Според неа, недостатокот на сочувство и толеранција меѓу граѓаните и потребата тие вредности да пораснат,  е пораката од романот.

„Недостиг на сочувство. Баш е тоа, можеби една од главните пораки на овој роман. Мислам, поголемо сочувство, поголема толеранција и меѓу нас како луѓе и колективно. Имаше бурни периоди изминативе години, нели, на политички план, каде што многу се сплотивме, од една страна, меѓутоа и исто толку се разединивме. Исто толку се поделивме ние луѓето, исто толку и омразата порасна. Така што ете, мојата порака е, малку повеќе чувство за другиот“, вели Пармаковска.

Романот „ Одбројување“, зборува за жена, која е во судир со сопствените потреби и очекувања, во средината каде живее, а има и ментално болен сопруг. Инспирацијата за претходните два , но и за овој роман доаѓа од главниот лик, објаснува авторката.

„Некако кај мене инспирацијата оди и прво се поврзува со ликот. Можеби ете, сум видела некоја жена , која што ни малку нема од тоа , од тој импулс, од она што е испишано во „ Одбројување“. И потоа јас и ликот заедно си трагаме по приказната. Секако, тоа е процес во кој што или има многу истражување , контакти со луѓе, чии профили се инволвирани во светот кој што се прикажува. Тоа е еден сложен, меѓутоа и прекрасен процес, самото пишување. Така беше и со овој роман“, вели Пармаковска.

До згаснувањето лани, наградата „Роман на годината“, 18 години по ред ја доделуваше Утрински весник. Од оваа година наградата ја доделува новата фондација за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“, формирана од основачите на Утрински. Покрај плакетата и статуетката, наградата се состои од паричен дел во висина од 150 000 денари. Добитничката Пармаковска вели дека парите ќе ги потроши на добар одмор, а наскоро ќе започне со пишување и на четвртиот роман.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ