Отписот на каматите на долговите на јавните претпријатија заглави во Собрание

За опозицијата кражба на народни пари, за власта парите од граѓаните одат кај граѓаните. Отписот на каматите на долговите на јавните претпријатија ги скара пратениците. Законот не стигна на ред на седницата на Комисијата за финансирање и буџет која беше прекината. Блокиран е од опозицијата со 3.000 амандмани.

Во очи на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 12-ти април, СДСМ инсистира и брза во Собранието да го изгласа предлог законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавните претпријатија со кој има намера повторно да им ги прости долговите и штетите од грабежот и расипничкото трошење на народните пари на своите градоначалници и локални директори на јавните претпријатија ширум републиката на штета на граѓаните“, истакна Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицевски вели и покрај помошта од државата во 2018-та со 50 милиони евра, долговите на општините во последниот квартал лани пораснеле за 12,5 милиони евра. И тоа кај 16 општини за од 200 до 470 проценти или за приближно 6 пати.

За СДСМ нема ништо спорно во предлог законот, зошто градоначалниците покажале транспарентност.

Градоначалниците покажаа услови дека работат транспарентно и отчетно и во интерес на граѓаните. Така и овие законски мерки се за парите од буџетот кои што с еод граѓаните да бидат наменети исто така за граѓаните. Да можат општините да ги остваруваат своите мерки и своите проекти во интерес на граѓаните“, вели Мери Лазарова СДСМ.

Со предлог законот треба да се отпишат каматите на јавните претпријатија формирани од општините за долгови кон државните органи и институции кои стигнале на извршување до крајот на 2017 година. Треба да се  репрограмира долгот кој ќе може да се плаќа на 60 месечни рати. Целта е тие да можат нормално да функционираат. Другиот закон пак, за отписот на каматите на долговите на граѓаните кон јавните претпријатија чека комисиска расправа, за да биде усвоен од пратениците.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ