Осомничениот Трајко Вељаноски ќе предлага пратеници да бираат вработени за новата УБК?

Двајца пратеници, но и потпретседатели на СДСМ со сосема спротивставено мислење за реформите на тајните служби од министерот и третиот партиски потпретседател. И Мухамед Зекири и Фросина Ременски мислеа со 36 амандмани да го подобрат законот, односно како што велат и објаснуваат да расчистат со криминалното минато на дел од вработените во УБК.

Но најголема промена претрпеа токму тие одредби кои се однесуваат на составот на новата Агенција за национална безбедност. Мнозинството на комисијата за одбрана и безбедност одлучи изборот на кои вработени од УБК ќе преминат во новата Агенција да ги определува комисија за селекција во која ќе има и двајца пратеници. Интересно е што тие двајца пратеници ќе треба да ги предложи Трајко Вељаноски како претседател на надзорната собраниска комисија, а Вељаноски веќе е осомничен заедно со поранешниот директор на УБК за организација на крвавиот четврток. Пратениците немаат право на глас во таа комисија за селекција, но и Ременски и Зекири сметаат дека сепак тоа е политичко влијание врз новата тајна служба.

Амандманите на Ременски и Зекири се отфрлени, но беа изгласани сите оние што ги прифати третиот партиски потпретседател, министерот Спасовски и кои беа заеднички предлог на опозицијата и власта. За пратеници кои учествуваа во работата на комисијата, заедничкиот настап и гласањето за реформите барани од Прибе и ЕУ се показател за напредокот.

Поради профилот на вработените и директорот на новата агенција- во јавноста немаше реакции за двете најоспорувани работи, големите овластувања на премиерот во разузнавачката сфера и можноста, новата УБК да прислушува и независно од ОТА во итни операции.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ