Османи за ТВ „Антена“: Мислам дека му доаѓа крајот на спорот со името

Постои взаемно прифатливо решение, мислам дека сме стигнати до крајот на проблемот, вели македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Бујар Османи во интервјуто за грчката ТВ Антена.

Кусо по вчерашните средби со неговите домаќини, Никос Коѕијас и Јоргос Катругалос, јавува дописникот на МИА од Атина, Османи, говорејќи за телевизијата објаснува дека проблемот со името освен што ја блокира евро-атлантската перспектива на Македонија, претставува пречка и за билатерална соработка.

– Мислам дека му доаѓа крајот на овој спор. Нам ни одзеде 25 години можност за соработка, за размена и развој. Сега е време да го затвориме, без штети и земајќи ја предвид чувствителноста на двете страни за прашањето. Постои решение што е взаемно прифатливо, а без да се нападнат најчувствителните вредности што двете страни ги имаат во ова прашање, вели Османи за „Антена“, пренесува МИА.

Во интервјуто потенцира дека во Атина, ја пренел пораката дека владата е посветена на изнаоѓање решение.

– Овој спор трае многу долго, ја блокира перспективата на мојата земја за интеграција во НАТО и ЕУ, а НАТО и ЕУ се од витално значење за иднината на граѓаните, објаснува Османи.

Тој, исто како и во изјавите за медиумите по средбите, така и за грчката телевизија „Антена“, во однос на написите во медиумите за името „Нова Македонија“ како можно решение, вели дека сѐ уште не е стигнато до таа фаза за да се разговара за конкретни предлози.

– Ние сега зборуваме за методите за пристапот, за чувствителноста на проблемот и за создавање позитивни контакти и за некои чекори што во меѓувреме треба да се направат за да се постигне тој моментум на зрелост, за да можеме да го затвориме спорот, коментира вицепремиерот.

Во однос на тоа дали ќе се распише референдумот во Македонија, Османи за „Антена“, го повторува и она што вчера го изјави за МИА, дека во оваа фаза треба да се фокусираме на изнаоѓање решение, а референдумот да го оставиме за подоцна.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ