Оперирани уште две деца со срцеви аномалии во „Аџибадем Систина”

Не може секој да прави операција на срце кај дете, бидејќи голема е разликата меѓу кардиохирург за возрасни и деца.

Детската кардиохирургија е многу специфична гранка во медицината, вели проф. Д-р. Тајар Сариоглу од ,,Аџибадем Бакиркој’’ во Истанбул, кој се смета за основоположник на детската кардиохирургија во Турција.

– Во детската кардиохирургија, докторот треба да има долгогодишно искуство зад себе и да биде многу добро обучен за операции кај деца, така што кардиохирург за возрасни не смее да оперира деца. И во Европа и во целиот свет детската кардиохириргија бара дополнителна специјализација, вели кардиохирургот, Тајар Сариоглу.

Центарот за детска кардиохирургија во Турција досега има извршено околу 15 000 операции на срце.

Само во Истанбул годишно се прават околу 600 зафати, над 95% од нив се успешни. Една третина од пациентите имаат вродени кардиоваскуларни аномалии, за што е потребна операција во првите три месеци од животот.

-Понекогаш се проблематични операциите што треба повторно да се направат. Во некои случаи, сме правеле три, четири до пет операции повторно. Не само во Турција, и во околните држави каде што не можат да се изведат вакви реоперации, ги правиме тука, објаснува Сариоглу.

На одделот за детска кардиохирургија во клиничката болница ,,Аџибадем Систина’’ во Скопје, под надзор на профестор Тајар, успешно беа направени две операции на отворено срце кај деца помали од една година.

Уште две беа извршени неделава кај бебе од 2 месеца и дете од година и 8 месеци.

Операциите, покриени од државниот фонд за здравствено осигурување, ги правеше д-р. Владимир Чадиковски и неговата екипа со поддршка на тим од специјалисти со 20 годишно искуство од Аџибадем во Истанбул.

– Сега за сега околу 10 стручни лица ќе доаѓаат во Македонија како поддршка, и тоа, анестезиолог, хирург, сестра обучена за вакви операции, перфузионист, сестра за интензивна нега. Докторите од Турција се само поддршка на тамошните лекари, ние само ги надгледуваме операциите, вели Сариоглу.

На прашањето дали колегите од Македонија ги исполнуваат нивните критериумите за детска кардиохирургија, професорот вели.

-Ќе создадеме тим што ќе ги исполнува сите критериуми.

За почеток, итните случаи и пациентите кои имаат потреба од  многу сложена операција ќе се праќаат во Истанбул , а понатаму  сложените операциите ќе бидат правени во нашата земја.

Марија Атанасовска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ