„Операција метла“ пред летните одмори

Пред летните одмори, премиерот Заев ќе предложи реконструкција на Владата. Таа веројатно ќе ги опфати министерствата за култура, за животна средина, за локална самоуправа, министрите од економската сфера и привлекување странски инвестиции. Се очекува да биде во пакет со изборот на министер и заменик во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, кое ќе биде воведено по укинувањето на Секретаријатот за Рамковен договор. Извори од СДСМ велат дека ќе бидат разрешени и десетина директори на јавни претпријатија и повеќе раководители, кои не прикажале добри резултати во работењето. Освен кај државните, ќе има промени и кај партиските функционери: како на централно така и на локално ниво. Сите промени ќе стартуваат по претседателските избори.

„Операцијата метла“ синоќа ја најави и самиот Заев, потенцирајќи дека ја сфатил пораката на незадоволство што граѓаните му ја испратија на СДСМ во првиот круг од изборите.

„Не е до чистката. Проблемот е во тој што треба да исчисти. Името му е Зоран Заев“, искоментира лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, на социјалните мрежи.

Ветувањата за 500 евра плата, за живот во Македонија, за 100 илјади денари плата на лекарите, расчистување со двајца министри осомничени за корупција, не ги даде некој друг туку токму Зоран Заев. Тој ги изневери и ги излажа граѓаните. Донесе апатија и разочараност во државата. Ставот дека сите други згрешиле, само тој е чист, е потценување на граѓаните. Време е народот да му одржи лекција, напиша Мицкоски.

Пораката од граѓаните е примена и во партијата веќе почна процесот на утврдување одговорност, вели градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Апелира граѓаните што не се задоволни од СДСМ, да не ја враќаат државата неколку децении наназад.

Првата помош за Заев во „чистењето на оние што потфрлиле“, пристигна синоќа на предизборниот митинг во Карпош. Актерот Драган Спасов-Дац му подари метла, што премиерот ја презеде со насмевка.

Соња Николовска

 

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ