„Одисеј“ на Горан Стефановски за затворање на годинешното издание на „Охридско лето“

Со вечерашната изведба на драмата „Одисеј“ на Горан Стефановски на Античкиот театар се спушта завесата на годинашното 59-то издание на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата – Фестивалот „Охридско лето“.

Изминатите 40 фестивалски дена понудија 47 содржини со кои се славеше уметноста. Сцените на Античкиот театар, црквата „Света Софија“, предворјето на црквата „Света Софија“, Долни Сарај, Центар за култура беа речиси исполнети, за некои од настаните се бараше билет повеќе. За интересот на публиката за фестивалската понуда говори и податокот дека и вечерашната претстава за свеченото затворање на фестивалот веќе е распродадена.

– Изминаа 40 дена исполнети со врвни уметници, задоволна публика и полни гледалишта…„Охридско лето“ запиша уште едно успешно издание во богатата фестивалска историја. Пречекавме околу 500 уметници од 23 земји од светот, но и гости од земјава и странство кои допатуваа за да ја следат фестивалската програма. „Охридско лето“ следната година слави голем јубилеј, 60 години од неговото постоење. Тоа за нас е голема чест, но и обврска да одбележиме достојно како што заслужува оваа наша најголема музичко – сценска манифестација. Подготовките веќе се започнати и можам само да најавам врвни уметници и беспрекорна организација, истакна на завршната прес-конференција директорката на фестивалот Наташа Поповиќ.

Што се однесува на вечерашниот настан, селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Александар Поповски кој е и режисер на претставата „Одисеј“, рече дека претставува е мозаик составен од уметници кои патуваат, играат, настапуваат насекаде низ просторите на поранешна Југославија и низ светот.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ