Од специјална војна до економска соработка за еден ден

На исто место во исто време, три дена по објавувањето на руските пранк бомби, дојдоа и премиерот Зоран Заев и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.

Потоа главно беа свртени на различни страни додека презентираа руска инвестиција, а коктелот ги спои на кратко на иста маса. По кусите размени на мисли на отворено, двајцата денеска ќе имаат средба во владата. Редовна и закажана пред десетина дена, така ја претстави Заев најавената средба. Тој на новинарските прашања не одговори децидно на кого тоа мислеше Шекеринска вчера кога кажа дека се води специјална војна поради македонското членство во НАТО. Смета дека пранкот на двајцата Руси е приватна операција, а не државна на Москва и дека и покрај руското противење на НАТО членството, Северна Македонија ќе продолжи по тој пат на кој има и противници.

За зголемена економска соработка со пријателска Русија зборуваше Заев, на иста тема и амбасадорот Баздникин кој потоа не даде изјави ниту свое видување за актуелните случувања.

Но пранкот од Русија носи уште афтер-шокови, Вован и Лексус, кои лажно му се претставиле и го убедиле Заев дека се екс украинскиот претседател Порошенко сега објавија и дел од пораките кои им ги праќал македонскиот премиер- меѓу нив и за средба на македонскиот премиер со контроверзниот израелски експерт Тал Силберстин. Заев потврди дека се сретнал но не договориле средба со него. Владата веќе побара МВР и надлежните служби да ги средат безбедносните аспекти на комуникациите на премиерот, а за тој дел од работата надлежни се и кабинетите на функционерите.

Досега кај нас нема никаква одговорност во кабинетот на Заев за пропустот. Поради неговиот муабет со лажниот Порошенко за косовското прашање и противењето на размена на територии, премиерот изјави дека се слушнал и со Хашим Тачи и со Александар Вучиќ и им се извинил. Косовскиот претседател пак изјавил дека лажниот Порошенко сакал да го контактира, но не успеал поради професионалноста на неговиот кабинет.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ