Од Охрид до Кичево за помалку од половина час со автомобил

За 4 години од Охрид до Кичево со автомобил ќе се стигнува за помалку од половина час по автопатот „Мајка Тереза“. Ќе има по две ленти во правец, лента за застанување, натпатници, потпатници, мостови, тунел под планинскиот превој Пресека ….“ Вака на 22 февруари 2014 година амбициозно беше најавена изградбата на 56,7 километри долгиот автопат од Охрид до Кичево, чија вредност, тогаш, се проценуваше на 375 милиони евра. Пет години подоцна во употреба не е пуштен ниту километар од автопатот. По бројните воочени проблеми на лошо проектираната траса рокот е пролонгиран до 2021 години, а цената на проектот порасна за уште 187 милиони евра. Дополнителните средства треба да се обезбедат од Ексим банката, за што се чека одлука на кинеската влада. Тоа нема да влијае на динамиката на изградбата на автопатот тврдат од ЈП за државни патишта, од каде не очекуваат ново пробивање на роковите за изградба на автопатот.

Автопатот Охрид – Кичево е од исклучително значење за развојот на туризмот во Охридско-струшкиот регион, каде во тек е рехабилитација на патната мрежа од Подмоље до Радожда и транзитната сообраќајница низ Охрид. Засега се уште нема решение за патниот правец Охрид – Св.Наум, кој со децении е тесно грло во туристичкиот шпиц. Откако владата официјално се откажа од проектот на претходната влада за изградба на експресен пат преку планината Галичица, решението се гледа во рехабилитација на постојниот пат.

Според најавите, оваа година во Охридскиот регион треба да бидат рехабилитирани околу 18 километри патна инфраструктура за што од буџетот се издвоени 186 милиони денари.

 

Горан Момироски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ