Поделени мислењата за новиот министер за култура

Поделени мислиња во Културата, по назначувањето на Хисни Исмаили за нов министер за култура. Иако е доктор по медицина, Од Синдикатот за култура му даваат шанси на Исмаили да се покаже и очекуваат од него соработка, транспарентност и брзо исполнување на зададените рокови за усвојување на новиот Закон за остварување  јавен интерес во културата и на новиот Колективен договор. А од независната сцена немаат очекувања и сметаат дека неговиот избор е пример за тргување и маргинализирање на културата.

Овој избор само покажува политика на дисконтинуитет , на маргинализирање на културата, на потребите во полето на културата и уметноста. И не знам како поинаку да го коментирам, освен да апелирам дека не смее на ваков начин , политички да се тргува со културата, вели Билјана Тануровска Ќулавковски-„ Локомотива“/Кино Култура.

Дадовме соопштение во јавноста , каде што даваме рок до 30 септември да се донесе новиот Закон за култура и потпишување нов Колективен договор , кој што би се валоризирал од 01.01. 2020 година. Брзината мора да биде голема и притисокот од него како министер до целата Влада би требало да биде огромен. Бидејќи роковите се многу кратки, вели Александар Стојчески – потпретседател на СКРМ.

А новиот министер за култура , Хисни Исмаили, кој на примопредавањето на функцијата, утрово пристигна со неговиот претходник и сопартиец, Асаф Адеми, рече дека  од него веќе ги дознал крупните потешкотии во ресорот и дека со своето искуство во културата и медиумите, од 90- тите години на минатиот век наваму, ќе работи на  надминување на проблемите, а Министерството ќе го третира како сервис на граѓаните.

Министерството за култура јас го сваќам како еден сервис на институциите, што постојат во рамките на Министерството за култура.А исто така и на сите културни работници и дејци во оваа област. Јас ќе се залагам, со сите мои можности и интелектуален капацитет и менаџерски способности, да го одведам Министерството за култура и неговите активности, еден чекор понатаму, да ги решам бројните проблеми што се наталожени со години, вели Исмаили.

Од претходниот министер Адеми, Исмаили доби уверување дека Министерство го дочекува со консолидиран буџет и со добри меѓучовечки односи, за разлика од неговото доаѓање на функцијата пред една година.

За министер за култура, Хисни Исмаили дојде нa предлог на лидерот на Алтернатива, Африм Гаши. Тој, дипломирал и магистрирал на Медицинскиот факултет во Скопје, а докторирал во Тузла.  Од 2009 година бил доцент на Медицинскиот факултет во Тетово. Го организирал првиот Саем на книги на Албанските издавачи, ја основал културно- хуманитарната организација „ Мерахмет“, уредувал емисии на радио, телевизиски документарни програми, а објавил и повеќе стручни книги.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ