Од догодина со ново име – Република Северна Македонија за севкупна употреба

Од Нова Година, ако се оди по планот на премиерите Заев и Ципрас, ќе се преименуваме во Република Северна Македонија. Тоа е дефинитивното име што стои во договорот, финализиран со нивниот телефонски  разговор доцна попладнево. Името ќе биде и за внатрешна и за надворешна употреба, а ќе се прецизира со амандман во Уставот. Премиерот Заев изјави дека, името ќе се преведува на сите јазици, а Грција ги прифатила и македонскиот јазик и националност.

Дoговорот ќе биде презентиран пред сите политички фактори, по што ќе следи ратификација во Парламентот. Веднаш потоа, Грција треба да испрати писмо до генералниот секретар на НАТО, со кое ќе го извести дека меѓу двете земји веќе нема спор и дека нема пречки Македонија да добие покана за членство на самитот на 12 јули. Треба да испратат исто писмо и до Европскиот совет, за наше членство во ЕУ. Заев е убеден дека Европскиот совет на самитот на 28-ми јуни ќе донесе одлука за почеток на преговорите со ЕУ.

Тој рече дека конечниот збор, сепак, ќе го имаат граѓаните, на референдумот што ќе се одржи наесен. За референдумското прашање се уште не размислувале и не е прецизирано дали тој ќе биде обврзувачки или само консултативен.

Ако биде успешен референдумот, потоа ќе следат уставни измени, и ќе се ратификува договорот и во грчкиот Парламент. Доколку сепак, тие не успеат да го сторат тоа, договорот пропаѓа. Истото ќе се случи ако и македонската страна не успее да спроведе некоја од преземените обврски. План Б засега нема. За внатрешна употреба договорот ќе почне да се применува по референдумот и ратификацијата од грчка страна и протоколот за членство во НАТо.

Кога договорот ќе се прифати од двете страни, Заев ќе ги информира сите 193 земји членки на Обединетите нации кои не признаа под уставното име, дека сега имеме ново име. Кодовите во интернет и трговската размена остануваат мк и мкд, а ќе се смени кодот на табличките. Викендов ќе се организира средба со Ципрас, за да се потпише договорот.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ