Обвинителството ги проверува наводите на Чулев

Основното јавно обвинителство побара од Владата податоци за седницата одржана на 15-ти февруари. Се бараат и евентуални писмени докази кои би потврдиле дека поништувањето на решенијата донесени од министерот Наќе Чулев се направени незаконски, со злоупотреба на службената должност од страна на техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Оваа реакција на Обвинителството доаѓа откако Чулев го обвини Спасовски дека го попречува функционирањето на техничката Влада и дека, со поништувањето 124 решенија за распоредување, кои воопшто не биле на дневен ред, се прави фалсификување на службена исправа и злоупотреба на службената положба.

Обвинителството соопшти дека веќе прави проверки во МВР, откако дополнителката заменичка Славјанка Петровска поднесе кривична пријава против Чулев за злоупотреба на службената положба поврзана со решенијата за распоредување.

Според ВМРО ДПМНЕ, СДСМ е во очај заради секојдневните скандали и затоа ја опструира работата на нивните членови во техничката Влада. Според СДСМ, ВМРО ДПМНЕ подготвува алиби за претстојниот пораз.

Техничката Влада беше формирана на 3 јануари, 100 дена пред изборите. Некаде на половина од мандатот, а непосредно пред да се распушти, Собранието ја разреши техничката министерка Рашела Мизрахи поради непочитување на уставното име на државата. ВМРО ДПМНЕ одби да предложи друг министер, па оваа Пржинска Влада мандатот ќе го заврши со еден наместо со двајца министри предложени од опозицијата.

Соња Николовска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ