Обвинителството ден пред завршните зборови ветува целосна правда за смртта на 4-годишниот Алмир

Обвинителката на случајот за смртта на 4-годишниот Алмир Алиу во Куманово денеска не соопшти дали ќе ја промени квалификацијата „убиство со премисла“ на утрешните завршни зборови на судењето.

Роднините како и организацијата „Правда за Алмир“ во неколку протести пред обвинителството бараа квалификацијата на делото да не се менува во сообраќајна несреќа со смртна последица или да се отфрла умислата за првообвинетиот Бобан Илиќ.

Од Јавното обвинителство велат дека ги презеле сите потребни дејствија во врска со овој предмет и оти очекуваат да биде донесена пресуда базирана на правната и фактичка состојба. Одлуката за овој предмет, како и за секој друг, како што посочија од Обвинителството на денешниот брифинг со новинарите, ја носат врз основа на доказите и примена на Кривичниот законик, а не врз основа на етничка, верска или друга припадност.

Обвинителството го товари обвинетиот Илиќ дека на 25 јуни 2016 година го прегазил четиригодишниот Алмир Алиу, по претходна вербална расправија со таткото на момчето во кумановскиот Здравствен дом. Обвинението е поднесено за дело убиство со умисла пред да биде завршено психијатриското вештачење на Илиќ.

Вештачењето утврдило дека Илиќ го сторил делото во афект на страв, но дека неговите постапки биле рационални.

За истиот настан против три други лица, таткото на детето Седат Алиу, како и Сами Демири и Абдула Алиу е поднесено обвинение за сторено кривично дело „насилство“.

Претставници на организацијата „Правда за Алмир“ денеска пред Јавното обвинителство на РМ потставија банер за Алмир.

– Поставивме банер за неправдата за Алмир пред Собранието на РМ, поставивме и пред ЈОРМ, иако овој банер беше предвидено да се постави пред Владата. Третиот банер ќе биде поставен пред Министерството за правда, изјавија претставници на организацијата.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ