Објавена некомплетна Годишната програма за култура, па повлечена

Без официјална прес конференција за медиумите поради заминувањето на министерот за култура Адеми, на  филмскиот фестивал во Берлини и без официјално соопштение до јавноста, Министерството за култура во раните утрински часови на својата веб страница ја објави Годишната програма за подршка на проекти од национален интерес, за 2019 година. Како што дознава Телма, во министерството ноќеска биле викнати сите вработени за последните подготовки и објавување на програмата. Но, поради технички проблеми со новата веб страница, велат од ресорот Култура, дел од резултатите биле поставени па повлечени.

Во текот на вчерашниот ден , при поставувањето на резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година, на веб- страницата настанаа проблеми од техничка природа при што некои податоци беа објавени половично или пак воопшто не беа објавени. Во меѓувреме настанатите проблеми се надминати и отстранети, велат од Министерството за култура.

Поставени , повлечени и повторно вратени на страницата на министерството, беа резултатите од областа на визуелните уметности, архитектура и дизајнот, а сеуште нема резултати за капиталните проекти, ниту пак во соопштението на веб- страницата не е наведен претседателот на таа комисија. Најмногу незадоволни од резултатите на Годишната програма се театарџиите.  Актерката од театар Комедија, Тања Мицков, на својот Фб профил коментираше дека нејзиниот докажан театар добил само 2 милиони и 700 илјади денари за три претстави, а Тетовскиот и новоформираниот театар во Гостивар за исто толку проекти добиле по околу 5 милиони денари. Реагираше и кореографот Рисима Рисимкин зашто нејзиниот „ Скопје танцов театар“, воопшто не е подржан во програмата.

Со Годишната програма се подржани 2781 проект од 5560 пристигнати апликации на конкурсите за подршка на националните установи и за дејности и области, стои во соопштението на ресорното министерство, објавено на неговата веб страница. Буџетот за култура годинава е проектиран на над 3 милијарди 140 милиони денари, а за финансирање на дејностите од областа на културата се предвидени 2 милијарди 925 милиони денари.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ