Објавен трет повик за субвенции на нискобуџетни авиокомпании

Министерството за транспорт и врски денеска објави нов јавен повик за доставување барања за доделување финансиска поддршка на нискобуџетни авиокомпании.  Повикот ќе трае до 21-ви следниот месец,  информира денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања на стартот на реконструкција на патниот правец Драчево-Јурумлери

Сугарески изрази надеж дека овојпат ќе се избере компанија и ќе продолжи со развојот на авиосообраќајот во Македонија.

-Ова е наша програмска определба. Во буџетот за следната година предвидовме пари за оваа намена. а  имаме средства и за правење анализа за национален авиопревозник. Претходно анализите покажаа дека нема финансиска оправданост за ова, но уште еднаш ќе направиме да видиме во која насока ќе оди оваа работа,  рече Сугарески.

Од Министерството за транспорт и врски очекуваат до крајот на годината да се направи изборот на авиокомпанијата која ќе добива субвенции за евтини авиолинии.

Третиот повик, како што објави претходно Владата, е со олеснети критериуми. Авиопревозниците ќе треба да воспостават летови до две нови дестинации од Скопје и од Охрид до 26 март 2019, а не до 10 јануари, како што се бараше во претходните два огласа.

Првите два повика беа неуспешни поради неисполнување на условите од тендерската постапка.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ