Нови санкции за Техеран, Трамп се закани дека ќе ги повлече САД од договорот

САД ја преминаа црвената линија со санкциите врз шефот на иранското правосудство, Ајтолахот Садек Амоли Лариџани, тврди Техеран. Иран најави соодветен одговор на санкциите и одби повторно отварање било какви преговори за нов договор за неговата нуклеарна програма.

Синоќа Трамп потпишувајќи го указот за одложување на санкциите кон Иран, што беше американски услов при постигнувањето на договорот, рече дека ги одложува за последен пат. Истовремено, Вашингтон воведе нови санкции за 14 лица и ирански организации поради наводни злоупотреби на човековите права.

„Претседателот се уште цврсто верува дека ова е најлошиот договор на сите времиња и неговиот најголем недостаток е тоа што му остава слобода на Иран во иднина слободно да ја развива својата нуклеарна програма и брзо да постигне капацитет за нуклеарно вооружување. Очигледно ние гледаме големи проблеми во ова“, изјави прессекретарот на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс.

Трамп изјави дека им дава последна шанса на европските држави, кои беа дел од преговорите, да ги поправат недостатоците на иранскиот нуклеарен договор потпишан во 2015-та година. САД бараат од европските потписници да се согласат на воведување трајна забрана за збогатување ураниум во Иран, забрана која според постојниот договор истекува во 2025 година.

„Администрацијата ќе продолжи да работи со Конгресот и нашите сојузници да ги поправиме овие недостатоци и ќе ве информираме кога за тоа ќе биде донесена одлука“, вели Сандерс.

Во договорот потпишан меѓу Иран и шесте светски сили, Техеран се согласи драматично да го намали производството на збогатен ураниум, да ги намали резевите на збогатен ураниуми да го модификува производствениот капацитет за да не може да произведува материјали за нуклеарна бомба. Во замена меѓународните санкции кон Иран беа суспендирани а американскиот претседател има обврска на секои 120 денови да потпишува одобрување на одложување на санкциите, како би го принудиле Иран да се придржува до договореното.

Игор Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ