Нови филтри за РЕК Битола дури за две до три години

Дури за две до три години во РЕК Битола, која работи на јаглен, ќе бидат поставени модерни електростатски филтри, кои ќе го намалат испуштањето на прашина во воздухот. По пораката од Европската енергетска заедница дека земјава, како ќе се приближува кон ЕУ, ќе мора да го намали производството на струја од најголемиот загадувач, јагленот, кое кај нас изнесува огромни 70 проценти, од Електрани на Северна Македонија велат дека планираат инвестиции кои ќе го намалат загадувањето. Тендерот ќе заврши на крајот на месецов, по што ќе стартува модернизацијата на филтрите, но тоа е сложен процес и не може да се случи преку ноќ, вели првиот човек на компанијата, Драган Миновски.

Филтрите не се едноставни компоненти во самата термоелектрана, и за таа цел нивното поставување ќе оди етапно. За нивното поставување е потребно, еден блок, таму каде што ќе се поставуваат филтрите, да не работи извесен период, 60, 80, па дури и 90 дена, зависно од потребите на компаниите кои се ангажирани за инсталирање на такви филтри, вели Драган Миновски, директор на Електрани на Северна Македонија.

Овие филтри би гарантирале намалување на емисијата на прашина од РЕК Битола, која сега изнесува 100 милиграми на нормален метар кубен, до 20 милиграми, колку што изнесуваат и европските стандарди. Инвестицијата би чинела околу 20 милиони евра, од ЕСМ велат, етапно ќе користат нивни пари, дел и од ланската добивка. Планирани се вложувања и во фотоволтаични и ветерни електрани, велат, ова се само први чекори.

Енергетската заедница свесна дека земјава до 2020 година нема да ја исполни обврската да произведува 23 отсто од струјата од обновливи извори, но ќе ни се дозволи загубенто да се надомести во следниве години.

Сепак, на вгториот ден на Македонскиот енергетски форум што се одржува во Струга шпанскиот амбасадор во земјава, Емилио Лоренцо Сера, препорача земјава да не брза со транзицијата од класичните кон обновливи извори, туку тоа да го прави постепено, за да не се предизвика зголемување на цената на струјата.

Во последно време ние се фокусиравме на производство на струја од обновливи извори и мислам дека сме рекордери во користењето на ветерот, но таа цена ја платија граѓаните и компаниите во сметките за електрична енергија, па нашата лекција е дека Северна Македонија треба да има постепен пристап кон транзицијата, вели Емилио Лоренцо Сера, амбасадор на Кралството Шпанија во Северна Македонија.

Министерот за економија, Крешник Бектеши најави дека земјава наскоро ќе објави повик за инсталација на 65 мегавати од фотоволтаични централи, а променет е и моделот од фидинг во премиум тарифи, како во развиените држави.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ