Нова резолуција за Сирија во Советот за безбедност на ООН

Франција предложи нова резолуција за Сирија во СБ на ОН, по вчерашните воздушни напади врз комплекси за производство и складирање на хемиско оружје во близина на Дамаск и Хомс. За прв пат се предлага текст во кој се обединети сите три аспекти на проблемот – политички, хуманитарен и хемиски. Текстот на резолуцијата не е финализиран и преговорите за неговата содржина почнуваат утре. Датум за гласање исто така не е наведен со цел да се даде време за вистински преговори, наведуваат извори од светската организација.

„Соочени со овој напад врз принципите и законите кои го поткрепуваат дејствувањето на ОН, тишината повеќе не е решение. Повеќе не можеме да ја толерираме тривилизацијата на употребата на хемиски оружја кои претставуваат непосредна опасност за сирискиот народ и нашата колективна безбедност“, вели францускиот амбасадор Франсоа Деларте.

Целта на вчерашните напади не беше да се промени режимот, туку да се испрати порака дека крајно време да се прекине со употребата на хемиски оружја, тврди британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон.

„Се надеваме дека се намали неговата способност, но во најмала рака, тоа што се постигна е испраќањето сигнал дека светот повеќе нема да толерира продолжена ерозија на табуто против хемиските оружја и психолошката граница, која треба да постои во умот на луѓето, за употребата на таквите оружја треба да биде обновена“, вели Џонсон.

На вчерашната вонредна седница на Советот за безбедност Русија предложи резолуција со која се осудуваат воздушните напади од страна на западните сили, но не беше подржана. Претставничката на САД, Ники Хејли ги пренесе зборовите на претседателот Доналд Трамп, кој се закани со нови напади доколку сириската влада повторно употреби хемиско оружје.

Игор Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ