Нов Закон за квалитет на амбиенталниот воздух ќе им донесе обврски, а не препораки на институциите и претпријатијата

Општините, институциите, бизнис претпријатијата – сите ќе имаат насоки како да постапуваат и ќе бидат обврзани тоа да го направат, кога ПМ честичките ќе го преминат прагот на нормалата во земјата. Додека сезоната на загадување е во полн ек, во Министерството за животна средина владее оптимизам. Очекуваат нов, изменет и дополнет текст на Законот за квалитет на амбиенталниот воздух да се најде на гласање во Собранието, пред да се распушти пратеничкиот состав заради изборите во април. Со нов Закон, краткорочните интервентни мерки ќе станат обврзувачки кога е најзагадено.

„Тие краткорочни мерки коишто досега биле препораки, како ограничување на режимот на сообраќајот, ограничување на производството и капацитетите коишто загадуваат, реорганизирање на работното време, да станат дел од правниот промет. изјави Ана Петровска, државен секретар во МЖСПП.

Општините на терен координираат свои инспектори за да одржуваат ред во екологијата. Ако некој пријави – излегуваат и казнуваат. Но, немаат како да влијаат кај граѓаните кои преку оџаците од своите домови придонесуваат со отрови во воздухот.

Инспекции имаме, имаме инспектор за животна средина, имаме и комунални инспектори. Проблем е што инспекторот за животна средина не може да влезе во приватен дом. Инспекторот на Општина нема овластување по Закон да ви влезе дома и да провери дали се греете на дрва или не се греете на дрва. Имаме и 10 комунални редари коишто честопати санкционираат палење на отворено и мислам дека таму имаме напредок. изјави Стефан Богоев, градоначалник на Општина Карпош.

Градоначалникот Богоев заедно со други функционери од различни институции, како и екоактивисти, се сретнаа за заеднички да изнајдат заклучоци како да се намали аерозагадувањето. Градоначалникот таму наброи некои од своите проекти, а акцент стави и на чистењето депонии во неговата Општина.

„Ова е депонијата зад Александар Палас. Таа пред извесно време беше запалена. Локалните и градските власти се пофалија дека ќе биде исчистена. Ние дојдовме на терен да провериме дали тоа навистина е така. Депонијата повторно не пречека.“

Ова е дел од депонијата кој ќе почека на средување на документацијата бидејќи станува збор за приватни парцели, па Општина Карпош не може лесно да се посвети на чистење и таму, исто како на тоа што преставува државно земјиште. Општината ќе исчисти, но за уредување дополнително ќе треба да се договараат. Друг дел од просторот зад Александар Палас веќе е исчистен од страна на волонтери.

Петар Догов

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ