Нотр Дам е спасена (видео)

Пожарот во катедралата Нотр Дам е ставен под контрола  во 3 часот утрово, по осумчасовната огнена стихија, соопшти противпожарна служба на Париз.  Огнот, кој се случи веднаш откако катедралата беше затворена за посетители, брзо се распламти, изгоре главната кула, која потоа се урна, а набрзо и целиот покрив. Пожарникарите успеаја да спречат уништување на главната камбанарија и се обиоа да спасат религиозни реликвии и непроценливи уметнички дела. Во пожарот еден пожарникар е тешко повреден.

Францускиот претседател Макрон вети дека катедралата ќе биде обновена и дека “најлошото помина”. Француското обвинителство отвори истрага за причините за пожарот. Според првичните информации пожарот, кој започна во поткровјето, не бил подметнат. 400 пожарникари и возила се бореа со огнот во обид да го спасат ова уникатно архитектонско дело, кое сведочеше за револуции, победи, епидемии. Авиони за гаснење не можеа да се користат, бидејќи еден канадер исфрла 6 тони вода при голема брзина, што можеше да повреди луѓе и да ја оштети структурата на катедралата.

Според градоначалничката на Париз, најголемиот број од вредните предмети и реликвии кои се чуваа во Нотр-Дам се извлечени. Круната со трње и туниката на Сен-Луј, два предмети од исклучително значење за католиците, се спасени од огнот што ја опустоши катедралата стара осум века.

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ