Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ нема да гласа за уставните измени доколку се прифатат барањата на Беса

Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ нема да гласа за уставните измени доколку се прифатат барањата на Беса и инсистираат државјанството да остане само македонско, брифираат за Телма извори од групата.

Седницата во собрание беше одложена два часа и презакажана за 15 часот.

Премиерот Зоран Заев, во пресрет на продолжението на собраниската седница на чиј дневен ред се уставните амандмани, уште еднаш нагласи дека е оптимист оти ќе се изгласаат уставните измени.

Во врска со барањата на БЕСА околу државјанството, Заев рече дека се бара техничка формулација околу државјанството, да се задржи идентитетот во државјанството за Македонците, но да не се почувствуваат Албанците, Турците Србите и другите обесправени.

Одговорајќи на новинарско прашање за позицијата на пратеничката Елизабета Канческа Милевска, Заев  рече дека таа е длабоко навлезена во процесот, запознаена е со сите детали. Одлуката, вели, ќе ја носи лично таа, нејзината пратеничка група и секој пратеник поединечно.

– Не можам да кажам дали ќе гласаат 80 пратеници, или пак ќе бидат 79 или 82 или 88, никој тоа сега не може да го каже. Верувам дека процесот на разговори кој течеше дава можност да веруваме дека ќе се обезбеди потребниот број од 80 пратеници, тоа е конечната цел и за тоа разговараме, дополни Заев.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ