Независната културна сцена бара аргументи од Владата за смената на Алаѓозовски

Владата да даде аргументи во врска со одлуката за смена на актуелниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, побараа денеска од Асоцијацијата на независната културна сцена „Јадро“. Како што рекоа,  започнатите реформи во културата од страна на Алаѓозовски се солидни, но изразија загриженост дека со најавите за владината реконструкција, кандидатите од БЕСА за нов министер за култура, до сега не кажале јавно на кој начин ќе ги продолжат започнатите реформи во оваа област.

„Во ситуација кога потенцијалните кандидати на Беса за оваа министерска позиција. Од нив не слушнавме ништо за начинот на кој што ќе продолжат овие суштински реформи. Прилично сме загрижени и тоа најмногу во однос на континуитетот на овие процеси и на овие реформски политики, кажа Јане Чаловски- претседател на Асоцијацијата „Јадро“.

Во одбрана на компетентноста на министерот Алаѓозовски и на успешно започнатите реформски процеси, во отворено писмо до премиерот Заев , реагираа од бордот на „Кооператива“, регионална мрежа на организации од независната културна сцена и современа уметност.

„Ние сметаме дека смената на господинот Алаѓозовски ја одразува незаинтересираноста за развојот на областа култура, како и длабоко занемарување и погрешно сфаќање на улогата и релевантноста на секторот во поширокиот општествен и меѓународен контекст, соопштија од „Кооператива“-регионална мрежа на организации од независната култура

По Зекирија Ибрахими, Асаф Адеми – поранешен амбасадор на РМ во Данска и актуелен директор на данска компанија, е втор предлог од БЕСА за Министер за култура. Од таму рекоа дека новиот министер ќе комуницира со сите засегнати страни.

„Тој  ќе биде подготвен да ги сослуша сите предлози, жалби, сугестии и критики од јавноста, без оглед на етничката припадност. Сето ова со цел да се произведат вистински културни вредности за доброто на сите граѓани на земјата, воопшто“, кажа Флорина Емини – член на Централно претседателство на БЕСА.

Од независната сцена, денеска остварија средба со министерот Алаѓозовски.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ