Нема знаци на живот по трагедијата на вулканот во Нов Зеланд

Фатално завршила туристичката посета на вулканскиот кратер на осторовот Вајт Ајленд во Нов Зеланд. Во моментот кога 50-тина туристи се наоѓале во близина на кратерот, вулканот еруптирал – исфрлил врела пареа, карпи, и отровни гасови. Луѓето во близината, панично бегале, а брзо реагирале и екипажот од крузерот со кој туристите допатувале до Белиот Остров. Медицинските екипи извлекле 23-ца. Сите се со тешки изгореници, но петмина од нив не издржале и во болница им подлегнале на повредите. 18 од спасените се во тешка состојба. Но, она што е најстрашно е што 20-тина луѓе останаа заробени на островот.

Полицијата изврши неколку надлетувања и соопшти дека не се забележани знаци на живот. „Полицијата верува дека секој кој бил жив веќе бил спасен за време на евакуацијата од островот“, се вели во соопштението. Во моментов , не може да се стапне на островот. Ризично е, и целата површина е покриена со бел прав.

  • Во оваа фаза, премногу е опасно за полицијата и спасувачките служби да одат на островот. Но, продолжуваме со проценка на условите кои би ни дозволиле да одиме на островот, кој во моментов е прекриен со пепел и вулкански материјал, соопшти Џон Тимс, од националната полиција.

Но, како минуваат часовите во земјата дополнително расте нервозата кај јавноста, посебно поради фактот  што научниците уште пред неколку дена предупредиле за зголемена активност на вулканот. Забележано е зголемено количество на сулфур диоксид, заедно со вулкански треперења – две причини за нивото на тревога да се зголеми на два од од максимални пет категории.

  • Покажува зголемена активност во изминативе неколку недели и затоа го подигнавме нивото на тревога. Се чини дека, главно, ќе има ваква ерупција, а потоа следува период на повлекување, односно тоа се случува во моментов – сега е смирено. Но, не можеме да бидеме сигурни дека нема да има нова ерупција во следните 24 часа, објаснува д-р Кен Гледхил, од Институт за Геолошки Мониторинг.

Јавноста се прашува кој им дава дозвола на тур операторите да организираат туристички посети на познатиот вулкан во Нов Зеланд, во време кога е зголемено нивото на тревога. Денешната посета била организирана од еден крузер, а еден од петмината загинати бил и водичот на групата. Нивоата на тревога за познатиот вулкан се менуваат често, а медиумите пишуваат дека ова не е првпат тур операторите да не ги почитуваат предупредувањата на вулканолозите. Турите кон Вајт Ајленд и натаму продолжуваат со годишна посета од 10.000 туристи, на кои за да го доживеат кратерот им се делат шлемови и гас маски.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ