Нема свест, пари и специјализирани фирми за пакување и транспорт на културните добра

Иако има исклучоци, генерално несоодветно се пакуваат и транспортираат културните добра кај нас, велат од МНК „ Син штит“. Од таму не кажуваат прецизни податоци за оштетени дела при пакување и транспорт, но потенцираат дека според нивните истражувања и дојави, принципите не се почитуваат особено кога се брза да се постави некоја изложба.

“Често пати знаат да кажат од Министерството за култура или од Влада, сега ќе правиме изложба. Брзо, таа и таа институција да донесе предмети таму и таму, имаме таков и таков настан.Треба да се намести за 5 дена. И тогаш музејските работници, најбрзо што можат тоа го прават. И во тој случај не ги запазуваме најминималните и најбазичните принципи за пакување и транспорт на културните добра” – вели претседателот на МНК “Син Штит”, Даворин Трпески.

За соодветна заштита и превенција, при пакување и транспорт на културните добра, потребни се средства.

Тие што ги дава ресорното министерство не се доволни за да биде издвоена сума за адекватни материјали за пакување и транспорт зашто акцентот се става на изложбената поставка, велат од МНК ИКОМ.

“Од своја страна си носи финансиски импликации на целиот проект. И за тоа треба малку повеќе да биде подигната свеста и во нашата администрација и кај одговорните лица” – посочува претседателката на МНК-ИКОМ, Маја Чанкуловска-Михајловска.

Кај нас нема ни адекватни обуки, ниту соодветна фирма со лиценца за пакување и транспорт на културни добра, што е светски стандард.

“Треба да се вклучат професионалци со сертификат за пакување и транспорт. Тоа е од исклучително важно значење” – посочува директорката на музејот на македонската борба, Даниела Николова.

Од ресорното министерство велат дека стручна комисија од експерти од музејска дејност ги носи одлуките за финансирање и презентација на изложбите, со Годишната програма за култура и дека забелешките ќе им бидат пренесени.

А, за формирањето соодветна компанија која ќе врши пакување и транспорт на културни добра, допрва ќе се организира дебата со музејски работници и правници.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ