Нема пролет за македонско-руските односи

За очекување беше дека новата, убедлива победа на Путин, ќе има свои реперкусии на меѓународен план. Веќе некое време во Европа, а особено на Балканот се појавуваат партии и чинители кои отворено ги застапуваат интересите на Моска. И јасно е дека со растечката сила на Кремљ, и нивниот опортунизам во надворешната политика, и кај домашните популисти и пријатели на Царот ќе расте амбициозноста и деструктивноста.

Тоа што беше помалку за очекување е дека ден после триумфот на „царот Путин“, официјална Москва ќе се посвети токму на Македонија, и на една протоколарна средба ќе упати доста заканувачка порака.

Русија ја предупреди Македонија дека нејзиното приклучување во НАТО ќе има негативни последици за земјата, за регионалната безбедност и за билатералните односи меѓу двете држави.

Ова на македонскиот амбасадор во Русија, Гоце Карајанов, му го посочил новиот рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко на денешната средба во руското МНР.

„На средбата беа разменети мислења за ситуацијата на Балканот. Од руска страна беа подвлечени негативните последици за регионалната безбедност и билатералните односи од плановите за присоединување на Македонија во НАТО“, стои во соопштението на руското МНР.

На руското предупредување со дипломатски јазик одговори и премиерот Заев.

Но, заладувањето на односите меѓу Скопје и Москва не се од вчера и следи една надолна линија која се поклопува со крајот на македонската политичка криза и комплицираното составување на новото мнозинство. Тогаш, Москва ќе ги извади дипломатските ракавици и отворено ќе се замеша во внатрешните работи на Македонија, завземајќи ја страната на дотогаш владејачката коалиција на Груевски.

„Под псевдодемократски слогани продолжува длабокото надворешно влијание врз политичките сили во Македонија. Целта е очигледна, западот да расчисти со македонските политичари кои не му се омилени и покрај јасно изразената волја на граѓаните на изборите во полза на коалицијата „За подобра Македонија“ на чело со Никола Груевски и ДУИ на Али Ахмети“, гласеше тогашната реакцијата од руското МНР.

Во август месец минатат година, ќе се отвори нов фронт со Русија. Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, во интервју за Блумберг ќе излезе со ставот дека на Македонија и е потребно членство во Алијансата за да не заштити од Русија.

„Влијанијата врз оваа стратешка цел не се од помош и не се пријателски. Видовме некои истечени информации, уште пред Владата да биде избрана, за руски обиди да се влијае врз клучните политички и безбедносни области. И ние сме загрижени за тоа. Веруваме дека членството на Македонија во НАТО може да им стави крај на овие обиди“, изјави Шеќеринска за Блумберг.

На ова тогаш реагираше руското МНР преку портпаролаката Захарова, која обвинувањата за мешање во внатрешните прашања на Македонија ги нарече исконструирани и неосновани, а побара и објавување на целиот текст од интервјуто. Шеќеринска тогаш во интервју за Телма ги омекна македонските ставови.

Влошените односи кулминираа по интервјуто на Зоран Заев за црногорскиот медиум Антена М, каде премиерот изјави дека очекува жестока реакција од Русија кога ќе дојде време за нашиот влез во НАТО алијансата и дека добивал предупредувања за опасност од атентат.

Плус минус некои семантички недозбирања, ова е ретроспективата на македонско – руските односи по падот на режимот. Аналогијата со Црна Гора е доста индикативна, денес Подгорица и Москва имаат историски најлоши односи, откако Русија се спротивстви на нивниот влез во НАТО. Изгубена Подгорица, делува како Москва својот фокус да го врти целосно кон Македонија. Веќе беше формирана и руска партија наречена Единствена Македонија, која повикува на прекин на евроатлантските преговори и приклучување кон Евроазиската унија.

Кога Москва не става во или-или позиција, не останува друг заклучок освен дека не очекува долга зима во македонско-руските односи.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ