Нема да има реконструкција – можна е смена на министри

Реконструкција на влада, никако. Но, промена на министри. Премиерот не спомна име на кого мисли и дали ќе се оствари нивната смена во кабинетот на Илинденска, туку ги спомна слабостите на вршењето на функциите.

Зад описот на Заев, може да се препознае вицепремиерот Хазби Лика кој со месеци не доаѓал на работа, а за исто време попишал угостителски сметки вредни околу 4 илјади евра. Лика не беше ниту на одбележувањето на рамковниот договор во август иако ресорот му е токму договорот. Вицепремиерот ја бојкотирал владата поради внатрепартиски недоразбирања со лидерот на ДУИ. Ахмети пак вчера во интервју на ТВ Клан посочи дека за реконструкција или за предвремени избори сега не е време, а не е направена ниту анализа на квалитетот на работата на министрите. Сега според него најважни се интеграциите и преспанскиот договор.

„Главната одговорност тука спаѓа врз СДСМ. Секако дека и ние не можеме да избегнеме од одговорноста, но има многу ресори каде ние немаме влијание. Таму, СДСМ има повеќе влијание како поголема политичка сила. Важните работи се движат во добра насока, иако не е направена детална анализа за нашите функционери“, изјави лидерот на ДУИ, АЛи Ахмети.

Вториот опис на премиерот не беше прецизен, неостварените капитални инвестиции одат на контото на редици економски министри меѓу кои се и креаторот на буџетот, министерот Тевдовски и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Токму за нив двајцата се шират шпекулации дека имале меѓусебна расправија на владина седница за економските политики. Анѓушев негира.

Реконструкција се одбива поради силните обврски и за преспанскиот договор и за реформските процеси.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ