Неле Карајлиќ за наградите, книгите, музиката и некогашната „Топ Листа надреалиста“

Неле Карајлиќ е добитник на наградата „Момо Капор“ за романот „Солунска 28“, но сепак Неле многумина го паметат по ултра популарната „Топ Листа надреалиста“ и вокалист на групата ,,Забрањено пушење“. За неговиот уметнички опус разговараше со нашиот репортер Нина Стефанова.

  1. Добитник сте на наградата „Момо Капор“ за романот „Солунска 28“ претпоставувам од повеќе причини е значајна наградата која го носи името на Момо Капор?
  • И тоа е единствената награда која ја имам и со самото тоа е најзначајна. Момо Капор е еден од најголемите наши писатели стилисти, така што мене ми е чест што воопшто можам да бидам во иста реченица со Момо Капор, а не па да добијам награда со неговото име. Јас морам да ви признаам дека бев навистина изненаден дека не можев да верувам дека на некој рокер книжевната критика ќе му ја додели таа награда и тоа сериозни писатели кои се во тоа жири.

2. За себе велите дека сте анти ѕвезда, дека се доживувате така, иако тоа што го имате реализирано не го говори тоа. Зошто велите дека сте анти ѕвезда?

  • Па не сум јас никогаш, зарем сум ѕвезда ? Јас можеби нешто направив што ме препорачува да бидам „ѕвезда“, но мојот животен став и мојот презир кон шоу бизнисот не ми дозволува  јас да имам некоја дистанца од вас. Замислете некоја вистинска ѕвезда да ја промовираше оваа книга како Чола и Брега или Брена да ја напишеше оваа книга, па вие не би можеле вака да разговарате со нив.

3. И кога ќе се навратите на ТОП ЛИСТА НАДРЕАЛИСТА кои се нештата за кои мислите дека и денес се исклучително актуелни?

  • Па се е актуелно. Не постои нешто што не е.  Еве пред месец дена во Србија имавме еден феномен кога дел од власта одлучи да штрајкува. Тоа е директно украдено од Топ листа надреалиста. Помислив дури и да барам авторско право, но не сакав да се мешам во нивната работа. Така што тајната на траењето на Надреалистите во таа смисла лежи во фактот дека е снимена на расцепот на два система. Ние практично, поточно теоретски живеевме во комунизмот, а веќе почнувавме да ги примаме елементите на капитализмот.  Југославија беше земјата во која снимавме, но веќе беше видливо дека ќе се распадне.

4. Зошто велите дека нема културна елита, туку има само економска елита во регионот ?

  • Да, да. Тоа е сега проблем во сите земји од поранешна Југославија. Во овие 25 години од кога заврши војната се изнедри само економската елита, односно само тајкуни, нели ? А тие немаат доволно капацитет да бидат интелектуална елита, бидејќи не е доволно да имаш милијарди долари, туку мораш во меѓувреме да прочиташ и некоја книга. Тие тоа го разбираат затоа и ги праќаат децата на разни студии во светот, обидувајќи се децата да им бидат она што тие никогаш  не биле. И тука повторно ќе се изгуби една генерација, додека навистина не се воспостави една интелектуална елита која буквално од Вардар до Триглав би требало да направи одреден патоказ каде треба да се оди.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ