Некои фискални не се читаат од смартфоните, УЈП ги повикува граѓаните на киосците

Еден од клучните проблеми со кој се соочуваат граѓаните при користењето на апликацијата Мој ДДВ е што баркодовите на одредени фискални сметки не можат да се скенираат. Дел од оние што ги анкетираше Телма веќе имале такво искуство, други, пак, не се соочиле со тешкотии.

И даночните власти имале такви поплаки. Главна причина е, велат, што големите маркети најчесто издаваат фискални, па нивната опрема се амортизирала, и затоа апликацијата не може да ги препознае баркодовите.

Граѓаните кои имаат проблем со читање на баркодовите таквите сметки треба да ги однесат на апаратите на киосците и баркод читачите, кои се посилни од читачите на телефоните, и проблемот ќе биде надминат, а постои и можност баркодовите да се внесат рачно, за што на граѓаните ќе им помогнат службениците од регионалните канцеларии, велат од УЈП.

Под притисок на граѓаните и на УЈП многу од маркетите веќе ги носат на сервисирање фискалните апарати, за да се надмине проблемот.

Дали апликацијата е безбедна беше прашање откако се дозна дека таа првично се водеше под името на физичко лице Кирил Соколов од компанијата Акцент што го доби тендерот, а потоа на името на компанијата. Од УЈП апелираат граѓаните да не се грижат, бидејќи изјави за доверливост се потпишани од сите институции. Тврдат дека апликацијата е сигурна и не ги ни содржи личните податоци, а трансакциската сметка што е во системот се бара само за да може да се исплати повратот.

А за неполни пет дена од стартот, граѓаните досега имаат заработено околу 120 илјади евра од мерката. Апликацијата ја имаат симнато 58 илјади граѓани, кои скенирале над 433 илјади фискални. Ова е згревање, велат од УЈП, очекуваат на мерката да загризат околу половина милион корисници.

Едно лице, за да добие поврат од 600 денари месечно, треба да потроши 26 илјади и 600 денари, и тоа ако сите производи се со 18 отсто ДДВ. Но, повратот се врши на три месеци, и максимум може да биде 1.800 денари, што значи за тој период ќе се признаат сметки од максимум 79 илјади и 800 денари. Првите пари на сметките ќе легнат во декември.

За корисниците на Ајфон не се знае точно кога ќе ја користат Мој ДДВ, заради рестриктивните и строги правила на „Епл“ тоа уште не се случува, иако уште пред повеќе од еден месец УЈП испратила барање за добивање на апликацијата. УЈП ги повикува да дојкдат на киосците, за да не им застарат фискалните.

Граѓаните уште доаѓаат да се регистрираат, велат мерката е добра.

Граѓаните по стартот на мерката засилено ги пријавуваат трговците што не издаваат фискални. Ако едно физичко лице се обиде да скенира сметки кои се на име на фирма, ќе се соочи со парична казна од 250 евра.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ