Наставниците ќе добијат во просек од 700 – 1.500 дененари повисоки плати

Зголемувањето на септемвриската плата за 5 % , за наставниците во основното образование во просек ќе значи за 700 денари повисока плата. Тие што работат во средните училишта пак во просек ќе добијат 1.500 денари повеќе. Покачувањето на платата опфаќа 30.000 вработени во образованието, за што до крајот на годината се обезбедени 2,4 милиони евра.

„Трајно зголемување на платите ќе добијат вработените во јавните и државните основни и средни училишта во земјата, независно дали се ангажирани на неопределено или на определено работно време“, изјави министерот за образование Арбр Адеми.

Во здравството платите во просек ќе се зголемат за 1.050 денари за средно медицинскиот кадар до 5.300 дененари за наставниот кадар во хируршките гранки. Негувателките и воспитувачките пак во предучилишните установи во просек ќе добијат за 700 – 1.000 повисоки плати. Подигањето на стандардот на платите уверува министерката Царовска нема да сопре тука.

„Во иднина ќе има законско решение за европски стандарди во раст на платите и кариерен развој во преучилишното образование“, вели Царовска.

Зголемувањето на платите во, со години, запоставуваните ресори вели мининстерот за финансии Драган Тевдовски не е никако поврзано со референдумот. Признава дека 5 % покачување не е голема промена, но образованието и здравството се темели на општеството.

„Ова зголемување на платите е најавено лани во септември, внесено е во буџетот за 2018, изгласано е во парламентот во 2017 кога не знаевме дека ќе има референдум. Така да оваа одлука не е сега донесена. Апсолутно е исправна и нема зошто да не оди“, вели Тевдовски.

Државниот завод за статистика измери дека во јули просечната плата во образованието изнесувала 23.237 денари и таа е пониска од просечната плата во државата. Највисока плата или нешто над 60.000 денари земаат програмерите, а потоа вработените во воздухопловството, финансискиот и осигурителниот сектор. Најниски се примања во секторот заштита и истражни дејности и во рибарството.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ