Насилство на судирите во Хонг Конг

Протестот против предложениот закон за екстрадиција на жители на Хонг Конг во Кина, ескалираше денеска во насилство и судири меѓу полицијата и големиот број демонстранти.

Полицајците употребија водени топови, гумени куршуми, солзавец и спреј против демонстрантите по повеќечасовните тензии во поголем дел од центарот на Хонг Конг и ги обвини организаторите на протестот дека се обиделе насилно да се пробијат во законодавниот дом каде денеска требаше да започне процедурата за усвојување на контроверзниот закон за екстрадиција. Во судирите има најмалку 22 повредени лица, но нема информации за потешки повреди.

Демонстрантите ги блокираа денеска сите улици и приоди во центарот на Хонг Конг и на полициската интервенција реагирале со фрлање цигли, камења и други предмети.

Полицијата предупреди дека собирот повеќе не се третира како мирен протест, туку насилен бунт, кривично дело кое се казнува со 10 години затвор, инсистирајќи демонстрантите да се разотидат.

Бидејќи бевме соочени со сериозни предизвици, немавме избор и моравме да употребиме сила за да ги спречиме безредијата. Ги повикувам сите граѓани да не одат во центарот. Сакам да го осудам неодговорното однесување на демонстрантите. Тие можат да ги изразат своите ставови, но не треба да ги повредуваат другите луѓе, вклучувајќи ги и моите колеги и другите невини луѓе.

Протестот во Хонг Конг започна во утринските часови, кога илјадници демонстранти ги блокираа приодите кон клучните владини објекти во градот, одложувајќи ја седницата на законодавниот дом на која требаше да се усвои предложениот закон за екстрадиција, кој ги зголемува стравувањата за засилена контрола на властите во Пекинг и ерозија на граѓанските слободи во полуавтономната територија Хонг Конг.

Критичарите на предложените промени во законот за екстрадиција посочуваат на случаите на тортура, арбитрерно приведување и насилно изнудени лажни признанија на кривични дела во Кинескиот правен систем. Протестите во Хонг Конг се најголемите демонстрации во оваа територија откако од британска премина во кинеска јурисдикција 1997-та година.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ