Наместо на училиште, на протест против климатските промени

Возрасните не успеаа. Не успеаа да го намалат загадувањето и да го спречат глобалното затоплување. Ова е ставот на илјадници ученици кои денеска во 1.700-тини градови во повеќе од 100 земји во светот одлучија да не одат на училиште и да се придружат на Глобалниот Протест за Климата. На улица ги повика 16-годишната активистка за заштита на животната средина Грета Тунберг која речиси една година, секој петок е пред шведскиот парламент, држи транспаренти  со апел до властите да сторат нешто за да се спречи глобалното затоплување. Оваа тинејџерка полека стана инспирација за младите од целиот свет, а нејзините пораки преминуваат веќе во начин на живот за цела една генерација.

  • Ние сме пред егзистенцијална криза, најголемата криза со која човештвото се соочило, а сепак луѓето кои знаат за неа, ја игнирираат со децении. Одговорноста е ваша, не е наша. Ние сме младината, ние не придонесовме за оваа криза. Ние сме само родени во овој свет. И одеднаш пред нас има криза. Оваа криза во која ќе треба да живеат нашите деца и нивните деца, и не ја прифаќаме, и нема да ја дозволиме, затоа протестираме. Бидејќи сакаме иднина и ќе продолжиме со борбата, порача Грета Тунберг од денешниот протест.

Грета е херојот на ова време. Таа е инспирација за многу млади од јужниот дел на Пацификот до Арктикот. За нејзината борба е номинирана и за Нобеловата награда за мир, а угледниот Тајмс ја прогласи за највлијателна тинејџерка за 2019-та.

Глобалното затоплување и натаму останува горлив проблем за целиот свет. Научниците предупредуваат дека се потребни остри мерки за тоа да се спречи. Пред две години речиси 200-те земји се обврзаа со потпишувањето на Парискиот климатски договор дека ќе работат на тоа зголемувањето на темепратурата да се ограничи на максимални 1,5 степени.

Се очекува протестите по иницијатива на малата Грета да продолжат. Грета верува дека нејзината порака станува се појасна, поради фактот дека е се уште дете – а кога детето ви укажува на грешките, тогаш возрасните се чувствуваат виновно, и мора да слушнат што има да каже.

 

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ