Над 90 шумски пожари продолжуваат да се шират во Нов Јужен Велс

Австралиските власти подвлекоа дека рекордно висок број шумски пожари со висок ризик продолжуваат да се шират во државата Нов Јужен Велс.

Според пожарникарите, повеќе од 90 шумски пожари во моментов горат во Нов јужен Велс. 17 од овие пожари се обележани како огнени стихии со највисоко ниво на закана и ризик.

Дополнителен проблем со пожарите е фактот дека тие се шират во регионите зафатени со суша, силен ветер и температури од 35 степени целзиусови.

Медиумите пренесуваат и дека поголем број луѓе се заробени во своите домови, каде пожарникарите не можат да стигнат до нив заради брзото ширење на силните пожари.

Надлежните апелираа до дел од овие луѓе да не бегаат, туку да се обидат да пронајдат засолниште од огнот,  посочувајќи дека веќе е предоцна за бегање.

Поради сувиот терен и неговата лесна запаливост, дури и најмалите жарчиња се шират и разгоруваат и набргу прераснуваат во нови пожари. На тој начин имате брзо ширење на главниот, најголемиот пожар кој се зафаќа се поголема територија и за жал, овој ден може да очекуваме повеќе вакви ситуации, изјави комесарот за пожарникари во Нов Јужен Велс, Шејн Фитсимонс.  i.

Итни предупредувања за пожари се објавени и за државите Квинсленд и западна Австралија. Во најтешко погодената држава, Нов Јужен Велс, пожарникарите се борат со стотици шумски пожари уште од почетокот на Септември. Минатиот месец, две лица го загубија животот во обид да го заштитат својот дом.

На некој начин, стигна блиску до нашата куќа вчера попладне и потоа во текот на ноќта се намали но денеска заради ветерот повторно се разгори и на некој начин во овој миг е надвор од контрола, изјави една жителка во опожарениот регион.

Нов Јужен Велс е зафатен со долготрајна суша и регионалните власти предупредуваат дека поголем дел од пожарите ќе продолжат да горат , доколку не заврне дожд.   

Никола Илиевски

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ