На повидок законски измени за побрзо да почне да се гради новиот Клинички центар

Новиот Клинички центар може да им отвори дополнителна работа на пратениците за со законски измени да започне проектот.

Министрите за здравство и финансии размислуваат како да го забрзаат процесот за објект во населбата Ѓорче Петров. Се договораат околу тендерската постапка.

Моментално, за да биде се според Законот за јавни набавки, потребно е да се распише посебен тендер за изработка и потоа за изведба на проектот. Во Владата размислуваат да иницираат законски измени, за целата постапка околу проектирањето и изградбата – да биде на ист документ во иста папка како еден тендер.

„Меѓу другите работи токму тоа го разговараме, се со цел оваа постапка како еден пакет да ја добиеме за што пократко време. Мислам дека треба да бидеме флексибилни. Таква една институција, нов Клинички центар ни треба што побрзо на сите нам граѓаните на нашата држава.“ – изјави Министерот за здравство, Венко Филипче.

Филипче очекува до крајот на годината да бидат поставени темелите на новиот Клинички. Процесот за сега зависи од комплетирањето на сите документи и евентуалните законски измени. За пратениците да дискутираат и да гласаат за измена на законите, ќе мора да се почека крајот на претседателските избори.

За сега министерот ги сослушува директорите на клиниките во рамки на Центарот, за тие да му кажат што тие сакаат да имплементираат во новите згради на болниците.

„Во смисла на нови оперативни сали – обични и хибридни, број на кревети согласно бројот на пациенти коишто се третираат сите овие изминати години. Имаме сериозни шанси темелите да ги удриме до крајот на оваа година.“ – додава Филипче.

Проектот е вреден околу 400 милиони евра. Дел од парите ќе бидат позајмени од Европската унија. Не се знае точно до кога ќе се гради целиот објект.

 Петар Догов

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ