На повидок огромни економски штети – загрозени се 29 илјади работни места во угостителството

Претрпела пожари, земјотреси, светски војни. Сега Старата скопска чаршија повторно замре. Овојпат коронавирусот ги натера занаетчиите и претприемачите да си заминат дома и привремено да ги напуштат своите катчиња. Има и такви кои се уште доаѓаат во дуќаните. Деновиве немаат работа, но имаат безброј грижи. Како ќе ја платат киријата и што ќе прават со комуналните трошоци.

Сретнавме само два-тројца дуќанџии во чаршијата и по неколку случајни минувачи.

„Тешко е, многу тешко. Не сум само јас, сите тука имаат кирии, имаат трошоци. Не знам, тешко ќе биде ова. Треба малку државата да помага на луѓето коишто се под кирии, коишто имаат сметки. Има луѓе што ден за ден работат. Денес што заработил, носи дома за јадење и за пиење.“

„Единствено нешто добро е што нема судари сега. По патиштата нема судари. Бедните луѓе си седат дома, богатите прават реклами тука, туризам чекаат,“ велат граѓаните.

Пандемијата допрва ќе донесе огромни економски штети. Сите се уште ги пребројуваат евентуалните штети. Има опасност многу луѓе да останат без работат, а бројките сами по себе изгледаат застрашувачки.

Од Групацијата на угостители велат дека кај нас најпогодени ќе бидат малите и средни претпријатија и семејните компании, со до педесет вработени. Според нивните пресметки, 29 илјади работни места во угостителтството се загрозени.

Угостителите имаат напишано свои предлог-мерки за коишто се надеваат дека Владата ќе има слух. Субвенционирање на минимална плата, одложено плаќање на даноци во следните шест месеци и замрзнување на кредитни обврски кон банките.

Во спротивно ќе ги одјавуваат вработените после крајот на март, за тие да можат да бараат спас на друго место.

Петар Догов

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ