На плацевите очекуваат поголема продажба на половните еколошки автомобили

Доколку власта навистина ја реализира, најавената мерка за субвенции за замена на старо со ново или користено возило со еколошки стандарди, односно со Еуро 5 и Еуро 6 нормативите, е добра, сметаат во плацевите за половни автомобили. Очекуваат дека ќе се зголеми продажбата на овие возила.

„Нашето гледање е дека мерката што би ја спровеле е одлична, за да се намали емисијата на издувни гасови, доколку се реализира. На пазарот има користени возила со Еуро 5 и Еуро 6 нормативите. Очекуваме дека луѓето можат да се насочат кон купување на тие возила и мерката да биде успешна“, вели Александар Димовски, вработено во Еумобиле, салон за продажба, откуп и посредување за користени возила.

Во моментов, од плацевите се купуваат најчесто возилата со Еуро 4 стандардите, вработените од плацевите велат, тие се актуелни заради цената, можат да си го дозволат и оние со понизок стандард. Но ако државата дава субвенции, се очекува тие да загризат и за поновите возила. Дел од нив можат да се најдат по достапна цена, иако има и такви што се доста поскапи.

„Со еуро 5 нормативот, да, достапни се, колку се информирани клиентите низ Македонија. Цената на тие возила со Еуро 5 нормативите се движи од 4.500 евра па нагоре, така да, тие се достапни возила и граѓаните можат да си ги дозволат. Со мерката, очекуваме зголемување на побарувачката на возила со Еуро 5 стандардите“, вели Димовски.

Со законските новини, граѓаните што ќе купат ново или половно еколошко возило, а старото ќе го исклучат, ќе добијат субвенции од 20 до 30 отсто од вредноста, најмногу до три илјади евра, но тоа не смее да е поскапо од 10 до 12 илјади евра. Министерот Бектеши, вели дека оваа мерка, која најверојатно ќе стартува од следната година, заедно со онаа со која граѓаните кои наместо бензин ќе користат плин, годишно би ги чинела буџетот над 2,4 милиони евра.

Граѓаните поделени. Треба да се види дали мерката ќе функционира. Зависно од парите што ги имаат, размислуваат да се подноват. Некои бараат поголеми субвенции.

„Ако функционира е добро, може да е и само популистичка, да се види како ќе тече, дали брзо, едноставно. Добро е, нешто треба да се прави за да се сменат возилата“, вели еден граѓанин.

Во земјава, од 466 илјади регистрирани возила, дури 269 илјади се постари од 18 години. Со оваа мерка се очекува постарите да се заменат со понови автомобили, да се намали загадувањето и да се подобри безбедноста во сообраќајот.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ