МЗТ декласиран од Приморска: Утре има шанса за поправен

МЗТ Скопје стартуваше со убедлив пораз во финалето во АБА2-лигата на гостувањето кај Приморска. Нашиот тим загуби со 93-71, по што словенечкиот претставник поведе со 1-0 во серијата подобар од три. Следниот натпревар се игра веќе утре и тоа повторно во Копер.

МЗТ беше достоен ривал само во почетните седум минути кога имаше и водство од 15-17. Потоа на паркетот постоеше само Приморска, која првата четвртина ја доби со 28-19. Домаќинот имаше фантастичен шут од линијата за три поени и погоди 13 тројки од 21 обид, за разлика од „аеродромци“ кои само пет пати погодија од оваа позиција од 22 обиди. Веќе на стартот на вториот период предноста на Приморска дојде и до +14, а на полувремето резултатот гласеше 53-38. Натпреварот беше решен во третиот период кога предноста на домашниот тим стигна и преку 20 поени разлика, а највисоката негатива на МЗТ изнесуваше и -27 во последната четвртина. Во финишот нашиот тим само малку да намали за конечни 93-71.

Ленс Херис со 24 поени беше нерешлива енигма за „металците“, додека во таборот на МЗТ најмногу се истакнаа Иве Иванов со 13 поени и Андрија Бојиќ со 12.

Утре во 20 часот се игра вториот натпревар, по што серијата се сели во Скопје и следните два дуели се играат во „Јане Сандаски“ на четврти и петти април. Мајсторката, доколку е потребна, ќе се игра во Копер на осми април.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ